Ниту една алатка за поголема безбедност на децата на интернет просторот не може да ја замени улогата на родителите во воспитно-образовниот процес на своите деца, вели Бојан Кордалов, сцецијалист за социјални медиуми, коментирајќи го податокот од последното истражување на АЕК дека само 10 проценти од домаќинствата во Македонија со малолетни лица имаат инсталирано софтвер за родителска контрола. Сепак, Кордалов посочува дека таквите софтвери кои чинат околу 900 денари, се всушност најдобриот пријател на родителите.
„Значи софтверот е она што не може да го замени родителот, но може многу да му помогне на самиот родител да знае кога и како треба да преземе нешто за да го заштити своето дете. Не можеме ние постојано да го гледаме детето што прави. Потребно е само малку да се свртиме настрана за детето да стапи во комуникација која што може да предизвика несакани последици или да создаде вознемиреност гледајќи несоодветна содржина. И токму во такви случаи многу помагаат таквите софтвери за родителска контрола“, вели Кордалов.
Податокот од истото истражување дека повеќе од половина од испитаниците или 58 проценти во чии домаќинства малолетните деца пристапуваат на интернет не се ни свесни дека постои софтвер за родителска контрола, укажува дека е потребно да се зголеми свесноста и интернет писменоста и кај родителите кои треба да ги следат современите интернет трендови, посочуваат упатените.
„Потребни се сè повеќе кампањи коишто треба да се водат пред сè за подигање на свеста кај луѓето, односно во случајот, кај родителите. Потребен е пристап и подигање на свеста и кај сите други општествени чинители, од образовниот процес, од воспитувањето на самите деца, од градинка па се до завршувањето на образованието, бидејќи мора да се препознае улогата којашто интернетот и социјалните медиуми ја имаат во 21-от век“, вели Кордалов.
Од друга страна, социолозите предупредуваат дека иако не можат да се избегнат современите трендови, поминувањето премногу часови на интернет од страна на децата, може да има негативни последици.
„Сепак тоа се претвори во еднонасочен процес на комуникација. Децата научија и странски јазик, меѓутоа тешко ги повторуваат работите и тешко воспоставуваат двонасочен процес на комуникација. Значи кога ќе ги замолите да ви го пренесат тоа што го слушнале, тешко се снаоѓаат, а тука настанува голем проблем, бидејќи тоа не е во согласност со максимата: „повторувањето е мајка на знаењето“, предупредува професор Ѓорги Тоновски.
Тоновски посочува дека интернет зависноста е сериозна болест која мора да се контролира, за да не ги направи децата асоцијални и агресивни.
„Децата мислат дека се забавуваат и сметам дека навистина има содржини кои се забавни и кои одредени деца ги користат за да ги прошират своите сознанија. Но, агресивноста доаѓа од заморот. Не само заради агресивни содржини, туку и поради уморот кога гледате во компјутерите или телефоните четири или пет часа дневно“, вели Тоновски.
Според истражувањето на АЕК, 83 проценти од случаите децата на интернет пристапуваат секојдневно и на него најчесто 37,5 проценти поминуваат до два часа и 43,1 проценти од два до пет часа дневно на интернет. Сепак забележано е дека процентот на малолетните деца кои имаат пристап до интернет е 30 проценти и бележи мал пад во однос на 2017 година.
Во Македонија интернет пристап до домот имаат 84,5 проценти, а корисници на интернет се 76,8 проценти од населението. Анкетата била спроведена во периодот од 31 мај до 14 јуни на репрезентативен примерок од 1100 испитаници на возраст над 18 години, кои се корисници на некоја од електронските услуги: фиксна, мобилна телефонија, интернет или телевизија.