Достапни линкови

Васко Атанасовски трио со „мелем музика“ во Долни сарај во Охрид


Васко Атанасовски, саксафонистот и флејтист и еден од најпознатите словенечки композитори и музичари, овој четврток, на 27 јули, од 22 часот, со своето трио ќе одржи концерт на сцената Долни Сарај во Охрид. На концертот како гостин ќе настапи неговиот долгогодишен соработник – македонскиот гитарски маг Влатко Стефановски.

Најдоброто што може да го понуди Словенија. Џим Морисон на саксафон. Триото на Васко Атанасовски е фантастично. Целиот свет треба да ги чуе. Атанасовски во својата музика полна енергија и емоции се обидува да ги доближи Истокот и Западот. Мајсторски спој на фолк мотиви со креативна оригинална музика...

Ова се само мал дел од убавите зборови на авторитетите со кои се проследени пројавите и изведбите на Васко Атанасовски, саксафонист и флејтист и еден од најпознатите и најкреативните словенечки композитори и музичари. Истиот оној за кој ќе биде забележано дека е познат и по својата крос-жанровска соработка со светски познати џез, рок, класични и традиционални инструменталисти како американскиот гитарист Марк Рибо, бендот LIVING COLOUR, Австралиецот Томи Емануел, Мишел Годард, Глен Велез, Грег Коен, Хинди Захра, Тамара Обровац, Васил Хаџиманов, Круно Левачиќ, Дамир Имамовиќ...и конечно по својот маестрален пристап до сите стилови на современа музика.

Атанасовски досега зад себе има 13 албумски објави за кои добил неподелени симпатии од публиката и од музичката критика како во Словенија така и надвор од неа. Редовен гостин е на концертните подиуми ширум Европа, а со успех има настапувано и во Индија, Кина, Јужна Америка и во САД. Неговите оригинални композиции, најдоа свое место и во светот на театарот и куклените претстави ( во дела на творци како Миха Голоб, Вито Тауфер, Мојца Хорват...и други) и се на репертоарот на голем број на еминентни солисти, оркестри и хорови во матичната средина.

Со триото во кое што се виртуозот на тапани и перкусии Марјан Станиќ ( нам добро познат и од концертите на ФОЛТИН каде е „шестиот член“ на дружината) и еден од најдобрите словенечки гитаристи Дејан Лапања дејствува подолго време. Нивниот репертоар вклучува теми од албумите на лидерот и нумери специјално компонирани за Триото кои се плод на интересот и возбудата за успешно „пливање“ во различните музички стилови, како што е клезмерот, циганскиот замав, чочекот, полката и уникатната комбинација на канцони и алтерпоп.

„Еве не по прв пат во Охрид и по прв пат со „Васко Атанасовски трио“ кој е мој матичен бенд од Словенија. Со Дејан и со Марјан, кој исто како мене е со македонско потекло и потекнува од Битола, работиме веќе седум години и досега имаме снимено три албума. Четвртиот насловен како „Мелем“ го завршивме неодамна и е концептуален. Посветен е на Балканот, на балканската музика и традиција и генерално е акустичен. Сепак на сцената на Долни Сарај во Охрид триото ќе се претстави со својот енергичен израз. Со својата комбинација на рок, џез, етно... Ќе биде тоа повеќе една моќна рокерска свирка отколку џез концерт“, вели Атанасовски.

Гостин на концертот на триото во оваа пригода ќе биде гитаристот Влатко Стефановски, со кого Атанасовски, во 2015-та година, го стокми особено интересниот и возбудлив музички проект „Fire and Ice“ на кој бележито беше и присуството на Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија.

Инаку, како што знае да каже Стефановски, нивното познанство датира некаде од пре седум години кога случајно се сретнале за да набрзо имаат дуо настап. Ги зближила моќта и енергијата на македонскиот фолклор за кои Атанасовски покажувал особен интерес. Едноставно милувал да научи да ги свири тие теми, тие неправилни ритми и на нив да импровизира. Влатко дополнува дека неговиот собеседник е исклучителен музичар со специфичен тон и дека со својата изведба успева да се издвои од морето инструменталисти, дувачи, саксафонисти. Дека Атанасовски полека си го зафаќа своето место во таквата една констелација на творци и дека со манир на голем мајстор го заокружува својот израз.

„Во изминативе години имавме доста средби. Тој ми гостуваше на моите концерти во Словенија, а еве и јас ќе свирам на неговиот концерт со Триото во Охрид. Тоа е таква соработка, прилично отворена, неформална, необврзувачка, така да не планираме да правиме којзнае што во иднина туку се радуваме на секоја заедничка средба и на секој заеднички настап. И се разбира да ги вкрстиме инструментите и да размениме по некое соло“, истакнува Стефановски.

Во контекст на претстојниот концерт Атанасовски појаснува дека направиле одбир од некаде 50-на негови композиции од кои добар дел работени за трио-формација, песни од кои добар дел имаат и текстови на словенечки, српско-хрватски и англиски јазик.

„Згора на тоа со Влатко имаме сет во кој свириме и македонска традиционална музика. Посегаме по класици како „Касапско оро“, „Калајџиско оро“, „Не си го продавај Кољо чифлигот“...Стефановски ќе го има и во некои мои композиции, а јас нема да ја заборавам неговата „Gipsy Song“.“

Конечно, говорејќи за натамошните исчекори Васко Атанасовски појаснува дека оваа година му поминува во знакот на тоа дека добар дел од планираното ќе мора да го помести за наредниот период. Дека пред него е работата на музика за еден чешки филм што веќе започнал да се снима, дека требало да се јави и како автор на звучната слика на една театарска претстава што се подготвува во Народниот театар во Штип но чија реализација некако тешко оди...Тука е, како што потсетува, и големиот концерт со пејачката Хинди Захра од Мароко со која соработуваат уште од нејзините почетоци во музиката ...и така со ред. По настапот во Охрид договорено е да свири серија на концерти во соседна Србија, во Италија...и се разбира на домашен терен во Словенија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG