Достапни линкови

Стефановски и Атанасовски со „оган и мраз“


„Fire and Ice“ е несекојдневна средба на двајца врвни музички творци. Македонскиот гитарист Влатко Стефановски и словенечкиот саксофонист и флејтист Васко Атанасовски, создадоа дела за кое се вели дека се „полни со звуци од земјата на сонце и вода, оган и мраз“. Скопската премиера е планирано да се обистини оваа сабота, на 21 март и тоа со два концерти, од 19 и 21 часот, во Домот на АРМ, а нив и овојпат ќе ги придружува Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија.

Влатко Стефановски е веројатно еден од најотворените и најподатливите балкански музичари за соработка. Врвен во своето мајсторство и неуморен во потребата од нови звучни авантури, тој во изминативе две декади за свои собеседници ги имаше Мирослав Тадиќ, Теодоси Спасов, Јан Акерман, Томи Емануел, Стокело Росенберг, а на оваа листа од неодамна се најде и саксофонистот и флејтист Васко Атанасовски, еден од најпознатите словенечки композитори и инструменталисти од помладата генерација.

Навистина е привилегија да свириш гитара, акустична или полуакустична, а зад тебе да има гудачки оркестар. Тоа е звукот по кој копнеат сите синтисајзери. Тоа е звукот кој сите такви машини се трудат да го емулираат, меѓутоа некои поуспешно, други помалку успешно. Ама за живи гудачи нема замена.

За нивниот заеднички проект „Fire and Ice“ ќе биде забележано дека е резултат на несекојдневна творечка средба и дека е сочинет „од звуците од земјата на сонце и вода, оган и мраз“.

Стефановски, во пресрет на македонската промоција која доаѓа по оние во Словенија и Србија, а треба да се обистини оваа сабота, со два концерта во Домот на АРМ во Скопје, вели дека него го радува размената на идеи и музики со Атанасовски и Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија, затоа што таа отвора една нова страница во неговата опстојба на сцената, средба со нови луѓе и креирање на нов звук што го немал досега.

Извонредно убаво се чувствувавме на тие наши заеднички средби, на таа размена на енергиите на сцена. Згора на тоа кај мене некаде во генетиката органски ми е врежан кодот на македонската традиционална музика. Блиски ми се тие непарни ритмови, јужниот сентимент.

„Навистина е привилегија да свириш гитара, акустична или полуакустична, а зад тебе да има гудачки оркестар. Тоа е звукот по кој копнеат сите синтисајзери. Тоа е звукот кој сите такви машини се трудат да го емулираат, меѓутоа некои поуспешно, други помалку успешно. Ама за живи гудачи нема замена. Тоа е најволшебниот тепих што можеш да го имаш за свирење мелодии или за импровизирање. А Васко Атанасовски е еден импресивен музичар од помладата генерација, чиј начин на изведба, талент и енергија се ретки“, истакнува Стефановски.

Кон ова уште и информациите дека Атанасовски е познат е по својата крос - жанр соработка со светски познати џез, рок, класични и традиционални изведувачи и по својот маестрален пристап до голем број на музички стилови. Тој зад себе има 11 мошне успешни албумски изданија за кои има добиено голем број на награди и признанија, а критичарите од светските магазини за него пишуваат со одбрани зборови. Конечно, Атанасовски е редовен гостин на европските фестивалите, на концертните подиуми во Бразил, Индија, Кина, САД, а неговата музика можете да ја слушнете во бројни театарски претстави и на репертоарот на мнозина светски познати солисти, оркестри и хорови.

Во Македонија, својата „дедовина“, уметникот пред неколку години имаше концерт на Скопско лето, потем им беше гостин на „Фолтин“ на нивниот перформанс на Оф-фест, а музицирал и со проф. Драган Даутовски.

Говорејќи за актуелниот момент, Васко Атанасовски знае да каже дека неговата соработка со Стефановски се родила сосема случајно – по интервјуто што тој како музичар го направил со македонскиот виртуоз за еден словенечки магазин. Средбата ја родила идејата за заеднички пројави пред публиката за да потем, по неколкуте перформанси во разни комбинации, нивната комуникација го изнедри „Fire and Ice“.

„Извонредно убаво се чувствувавме на тие наши заеднички средби, на таа размена на енергиите на сцена. Згора на тоа кај мене некаде во генетиката органски ми е врежан кодот на македонската традиционална музика. Блиски ми се тие непарни ритмови, јужниот сентимент. И, бидејќи јас од претходно имав договорено голем проект со Камерниот гудачки оркестар ми се чинеше дека би било преубаво да му се јавам на Влатко и двајцата заедно да ја заокружиме целокупната звучна слика. Од првичната иницијација поминаа скоро две години, проектот најнапред го претставивме на Љубљанскиот фестивал, потоа имавме симање за Радио-телевизија Словенија, со него го отворивме фестивалот „Лент“ и одиме натаму“, вели Атанасовски.

Од друга страна, Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија е составен од четиринаесет члена кои свират без диригент. Овој оркестар е формиран во 1993 година со подршка од Министерството за култура на Република Словенија. Со кариера подолга од 20 години, анасмблот има одржано повеќе од 400 концерти во Словенија и ширум светот. Тој две децении наназад поттикнува создавање на најразлични нови видови на музички дела и објавува промотивни носачи на звук. Веќе 13 години, во соработка со Народната галерија од Љубљана, го изведуваат циклусот на концерти под наслов „Созвучјето а световите“ и имаат музицирано со повеќе тамошни меѓународно признати и мнозина извикани светски музичари како Сара Чанг, Александар Рудин, Мича Маиски и други.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG