Достапни линкови

ЕУ и ОБСЕ бараат казни за напаѓачите во Собранието


Архивска фотографија - Еврокомесарот Самуел Жбогар на прес конференција во седиштето на ЕУ во Скопје.
Архивска фотографија - Еврокомесарот Самуел Жбогар на прес конференција во седиштето на ЕУ во Скопје.

Евроамбасадорот Жбогар посочи дека новинарите се на првите редови од општествените промени. ОБСЕ бара да биде заштитена безбедноста на новинарите и инсистира напаѓачите врз новинарите во Собранието да бидат казнети.

На светскиот ден на слобода на медиумите евроамбасадорот Самуел Жбогар и шефицата на мисијата на ОБСЕ во Скопје Нина Соумалаинен остро го осудија насилство во Параламентот, кога беа насилно повредени пратеници, новинари и вработени и оценија дека е неопходно пред лицето на правдата да бидат изнесени тие што го организираа нападот.

Евроамбасадорот Жбогар посочи дека новинарите се на првите редови од општествените промени, а новинарството е професија која има одговорна задача да информира на објективен начин да ја одрази разноликоста на мислењата и да ги повика на одговорност тие што се на власт.

„Одбележувањето на Светскиот ден за слобода на медиумите, за жал, се случува по неприфатливиот насилен инцидент во срцето на демократијата, во Собранието, минатата недела каде беа нападнати не само пратениците, туку и новинарите и медиумските тимови и беа спречени да ја вршат својата работа. Очекуваме тие што го оркестрираа и тие што го изведоа насилството да бидат изведени пред правдата, изјави Жбогар.

ОБСЕ бара да биде заштитена безбедноста на новинарите и инсистира напаѓачите врз новинарите во Собранието да бидат казнети, порача Суомалаинен.

„Мораме да бидеме свесни дека нападите и заканите врз новинарите се реалност на кој не потсети и нападот врз македонскиот парламент“, изјави шефицата на ОБСЕ Суомалаинен.

Евроамбасадорот Жбогар констатираше дека во државата се потребни реформи во медиумите кои ќе овозможат професионално новинарство, подобрување на безбедноста на новинарите, кои ќе се фокусираат и на самоцензурата, како и на спречување на говорот на омраза, што, како што рече Жбогар, потикнува нетолеранција. Тој потенцираше дека се потребни реформи во медиумите кои ќе се осврнаат и на финансирањето на медиумите.

Спред шефицата на ОБСЕ, потребно е да се зголеми свеста за слободата на медиумите како темел на демократските општества. Таа нагласи дека живееме во време на лажни вести и алтернативни факти кои на граѓаните им оневозможуваат да имаат пристап до различни гледишта. На тоа треба да се одговори со поддршка на квалитетното новинарство за граѓаните да имаат објективни и точни информации, како и пристап до различни гледишта, рече таа

„Треба да се поддржи и развие медиумската писменост за граѓаните да разберат како медиумите ја оформуваат информацијата и да може да препознаат погрешна информација“, наведе шефот на мисијата на ОБСЕ.

Раководителот на секторот за електронски комуникации во Министерството за информатичко општество и администрација Димитар Буковалов, оцени дека e потребна поддршка на професионалното новинарството и поголема заштита на правата на новинарите.

Според него потребни се реформи во насока на обезбедување, високо квалитетно и независно новинарство, договори за работа со доволна социјална заштита, заштита од физички закани и напади за новинарите, континуирани обуки и едукација како и континуирана соработка со домашни и меѓународни тела и здруженија. Тој рече дека овие реформи мора да бидат донесени преку широка јавна расправа и согласно меѓународните стандарди и препораки.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG