Достапни линкови

Трпение за да нема радикализација при одблокирање на Собранието


СДСМ постојано најавува дека има стратегија за одблокирање на Собранието, но засега не е видлива. Дел од аналитичарите предупредуваат дека брзањето може да доведе до радикализација.

И денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија испрати соопштение во кое се повторува дека парламентарното мнозинство ќе ја реализира мнозинската волја на граѓаните и ќе ја спаси државата од хаос, а граѓаните од егзистенцијален крах. Освен што потврдуваат дека имаат стратегија и план за да го реализираат тоа, не откриваат ништо друго.

„Чекорите што се преземаат се внимателни, бидејќи од другата страна има нерационални луѓе кои за своите интереси се подготвени да ги жртвуваат граѓаните и државните интереси“, соопштуваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ е најголемиот поттикнувач на како што истакнуваат, „големоалбанските апетити“ во државава и регионот, порачувајќи дека Македонија ќе остане унитарна и мултиетничка држава.

Какви се плановите на СДСМ за деблокирање на собраниската расправа и што побрзо избирање на претседател на Законодавниот дом, не знаат ниту од партијата БЕСА. Зекирија Ибраими од оваа партија вели дека БЕСА не е вклучена во преговори за такви иницијативи на СДСМ.

„Во однос на можноста за избор на претседател на Собрание, а потоа и избор на Влада, досега не сме имале посериозна иницијатива од страна на СДСМ за да се вклучиме и ние и да помогнеме да се случи тоа. Но, во секој случај ние остануваме дел од парламентарното мнозинство и ќе придонесеме за одблокирање на оваа криза“, изјави Ибраими.

Доколку постојат, кога и како да се повлечат вистинските чекори? Дел од политичките аналитичари се сомневаат дека се работи за смислена тактика кај парламентарното мнозинство.

„Во дадениот момент тие немаат начин како да дојдат до реализација на предноста што ја имаат со формираното парламентарно мнозинство и мислам дека понатамошното инсистирање во таа насока и нивните очекувања дека кај некого ќе проработи совеста се малку веројатни во дадената ситуација. Мислам дека секое одложување е поради незнаење и немање начин како да се оствари таа предност на оперативно ниво“, изјави Љупчо Ристовски, претседател на Институтот за доблесна и вредносна политика, Интегра.

Ристовски предупредува дека секое понатамошно инсистирање на СДСМ по пат на исклучивост да се избере претседател на Собранието и да се формира Влада, води кон отворена опасност за радикализација од страна на одредени структури кои се поврзани со протестите „За заедничка Македонија“, но и не мора да се поврзани со нив.

„Радикализацијата на ситуацијата ќе оди во прилог на отворената можност на претседателот Иванов да посегне по инструментот воена состојба, која значи загрозеност на Републиката, без да се каже дали е однадвор или одвнатре. Тука е можноста да се посегне по еден таков инструмент“, изјави Ристовски.

Опцијата која, според Ристовски, може да не извлече од кризата е СДСМ и ДУИ да поддржат влада во која тие нужно не мора да бидат партиски експоненти. Само доколку жртвуваат дел од нивните моментални позиции и ја поддржат идејата за надпартиски мандатар и надпартиски состав на влада, СЈО ќе може да си ги доврши истрагите и ќе се релаксира ситуацијата во однос на платформата која во тој период Ристовски смета дека треба да биде во мирување.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG