Достапни линкови

Каратисти и ергени во Собранието


Продолжение на конститутивната седница на Собранието.

Пратениците 12 дена дебатираа за многу работи, а се чини најмалку за предлозите за членовите на Комисијата за избори и именување. Меѓу многуте слични реплики и контрареплики, процедурални забелешки, се слушнаа и по некои невообичаени работи.

Тиранската платформа и деблокирање на Собранието беа најчестите работи за кои се зборуваше во дванаесетте дена дебата на конститутивната седница, на која тема е изборот на претседател, дванаесет члена и нивни заменици во Комисијата за прашањата на избори и именувања. Но без разлика на точката на дневен ред, пратениците голем дел од времето зборуваа и за Специјалното јавно обвинителство, снимките од т.н. опозициски бомби, или, пак, кој кому што му рекол по собраниските ходници.

Па така пратеничката од СДСМ Радмила Шеќеринска од говорница откри што и рекол претседавачот со седницата Трајко Вељаноски за вештините на неговиот сопартиец Крсто Мукоски.

„Пред неколку дена Вељаноски не информираше дека колегата Крсто Мукоски имал црн појас карате и да сме пазеле“, рече Шеќеринска.

На ова со негодување реагираше претседавачот со конститутивната седница, реплицирајќи дека не било коректно од нејзина страна и дека тој со неа не разговарал.

На разговори надвор од салата се повика и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, па кажа дека колегата од СДСМ Љупчо Николовски и рекол дека кога ги преслушувале аудио материјалите забележал дека има убав глас. На ваквата нејзина забелешка некој од пратениците од СДСМ и довикна дека бил ерген.

„Не кажав ниту збор, освен тоа што кога кажа дека беќар му е колегата, па прашав каде се снимките од нелегално прислушуваните разговори“, рече Рангелова.

Меѓу вообичаените одговори од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на барањата на СДСМ да се премине на следната точка на дневниот ред, избор на претседател на Собранието, дека тоа не е возможно ако се не исцрпи дебатата за оваа точка, имаше и по некој лапсуз.

„Вакви методи, какви што сакате да примените, ги има само во Северна Кореја кај оној Ким Мунг Јанг“, рече Мукоски, веројатно мислејќи на Ким Џонг- ун.

Последните денови пак застапени беа верските повици. Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ бараше пред велигденските празници да не се долева масло на огнот, а пратениците деновиве да бидат внимателни што зборуваат.

„Денес е голема среда, милувате многу често да ги споменувате православните празници. Го заборавивте Тримир? Вториот ден, вторник земавте свештени лица во Прилеп, да шетаат со вас по плоштадите. Вториот ден на Тримир, кај што ни вода не се пие!”, рече пратеникот од СДСМ Хари Локвенец.

По големата среда, пратениците Велики Четврток не работеа. Ќе се вратат во Собранието во вторник.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG