Достапни линкови

Алтхаузер: Што побрзо да се избере претседател на Собранието


Прес-конференција на Македонско-германското стопанско здружение. Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство и Кристине Алтхаузер, амбасадорка на Германија во Македонија
Прес-конференција на Македонско-германското стопанско здружение. Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство и Кристине Алтхаузер, амбасадорка на Германија во Македонија

Парламентот да биде оперативен, да избере претседател, а потоа да се избере и влада која ќе може да делува. Добро е парламентот да дебатира, но брзо треба да се пристапи кон избор на претседател. Јас сум убедена дека тоа така ќе се случи, рече германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.

Амбасадорката на Германија Кристине Алтхаузер порача дека треба што побрзо да се пристапи кон избор претседател на Собранието и наведе дека решението на актуелната политичка ситуација е задоцнето во однос на економијата каде веќе има последици. Зборувајќи на прес-конференција на Македонско-германското стопанско здружение на која беа презентирани резултатите од работењето во изминатата година, таа рече дека решението за политичката криза во Македонија е на маса и оти компромисот и дијалогот треба да бидат составен дел од политичкиот живот како што е тоа и во економијата.

„Потребна е политичка волја за тоа да биде спроведено, Парламентот да биде оперативен, да се организира самиот, да избере претседател, а потоа да се избере и влада која ќе може да делува. Тоа е редоследот, возниот ред, не само за доброто на политиката, туку и за доброто на сите, економијата, општеството, граѓаните. Добро е да дебатира парламентот, но брзо треба да се пристапи кон избор на претседател. Јас сум убедена дека тоа така ќе се случи“, изјави Алтхаузер.

Според нејзините укажувања последиците од политичката криза веќе се чувствуваат во економијата.

„Решението на политичката криза е задоцнето. Предвремените парламентарни избори се одржаа пред четири месеци. Сите анализи покажуваат дека кризата негативно се одразува врз стопанството, забележан е пад на порастот на БДП, зголемен е фискалниот притисок, расте несигурноста и неизвесноста во приватниот сектор, се намалуваат инвестициите, а негативен е и порастот на одобрување на кредитите“, рече амбасадорката Алтхаузер.

Во врска со посетата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на Малта, таа рече дека неговата средба со канцеларката Меркел е на партиско ниво, зашто во Германија партијата и државата се одвоени. Од тие причини таа не кажа каква порака му упатила Меркел на Груевски.

Осврнувајќи се на резултатите на германските инвеститори во земјава што беа соопштени, Патрик Маренс директорот на Комората, рече дека дури 51 процент од компаниите ја оцениле актуелната состојба како лоша. При оценување на клучните фактори во Македонија, компаниите како и изминатата година се жалат на дефицит на правна сигурност, политичка и социјална стабилност, борбата против корупцијата и криминалот, но пред сè на непредвидливата политичка криза која има силно влијание врз стопанскиот развој. И покрај тоа што се соочуваат со неповолни политички и социјални услови, компаниите членки на Македонско-германското здружение повторно би одлучиле да инвестираат во Македонија и тоа би го направиле 82 проценти од компаниите. Марен истакна дека тоа звучи парадоксално, но оти таквиот резултат е добиен под претпоставка дека кризата нема да се влоши.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG