Достапни линкови

Зибери - Платформата им даде алиби за спас на Груевски и Иванов


Зибери - Платформата им даде алиби за спас на Груевски и Иванов
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:38 0:00

Зибери - Платформата им даде алиби за спас на Груевски и Иванов

Партиите на Албанците на погрешен начин ја потпишаа и на погрешен начин ја презентираа платформата, а со тоа им даде алиби на претседателот Ѓорѓе Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ да се фаќаат за сламка за спас од состојбата во која се наоѓаат, вели поранешниот пратеник Насер Зибери во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Зибери, претставниците на меѓународната заедница постојано предупредуваат дека политичката криза може да прерасне во етничка. Си играат ли политичарите со оган?

Да, дефинитивно мислам дека политичкиот естаблишмент игра на една опасна карта, да искористи евентуален меѓуетнички конфликт за покривање на својот политички резултат кој досега го имаа. Сметајќи дека тоа ќе ги амнестира за направеното, односно ненаправеното, бидејќи во вакви матни ситуации, каде што веќе престануваат да функционираат институциите на системот и да важи уставно-правниот поредок, тогаш излезот од кризата се бара само со политички средства, а не по словото на Уставот и правниот поредок во земјата. Во тој случај мислам дека сметаат дека тоа би било излезно решение од ситуацијата во која се наоѓаат. Се разбира дека тоа е една многу опасна игра, бидејќи внесувањето тензија на меѓуетнички план, само по себе, продуцира нестабилност, со можности за безбедносни реперкусии за земјата, а тоа се разбира не оди во прилог на ниту една политика партија и на ниту една етничка заедница, ниту на целата држава.

Колку беше потребно во една ваква ситуација, да се инсистира на Платформата на партиите на Албанците во Македонија?

Прво мислам дека ваква платформа и начинот на кој беше презентирана, воопшто не беше потребна. Бидејќи прашањата кои стојат во таа декларација, која патем беше само потпишана во Тирана, зошто не може да се кординираат тука, заради овие анимозитети кои постојат меѓу политичките актери, како кај Македонците, така и кај Албанците, па требаше некој од надвор да ги седне, во случајот тоа беше Еди Рама, за да потпишат некоја изјава, која всушност по содржината не претставува спорно прашање по ниту една точка, освен прашањето на осудата на геноцидот врз Албанците, која е надвор од контекстот и политички и уставно-правен, бидејќи се повикува на периодот кога Македонија не постоела како држава. Сè друго е во рамките на политичките програми на тие политички партии, само тие на погрешен начин и дојдоа на консензус да ја потпишат и на погрешен начин ја презентираа, а со тоа им даде алиби на претседателот Ѓорѓе Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ да се фаќаат за сламка за спас од состојбата во која се наоѓаат.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, изјави дека стои зад договореното со СДСМ, но дека и ВМРО-ДПМНЕ треба да биде дел од решението. Игра ли Ахмети на двете страни?

Мислам дека ДУИ и Али Ахмети постојано се дел од проблемот. Не можеа да се одлепат од структурата која создава проблеми и понатака мислам дека со ваквите изјави само создаваат конфузија и даваат надеж на тие што се надвор од парламентарното мнозинство да притискаат и понатаму со протести и со ваква тензична атмосфера за да се постигне некоја цел, а таа цел би била седнување на преговори за наоѓање на некакво решение. Тоа би значело амнестирање на структурите кои се одговорни за кризата во која сме денеска, а тоа значи суспендирање на слободно изразената волја на граѓаните, а тоа значи конечно и груба повреда на уставните начела и принципи врз кои функционира државата. Тоа значи со еден збор - подигнување на политичката волја на одредени структури над Уставот и правниот поредок, што апсолутно е неприфатливо за една правна и демократска држава, каква што претендира да е Република Македонија.

Целото интервју со Насер Зибери може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG