Достапни линкови

Граѓаните - куче чувар против власти без контрола


Протест на Шарена револуција, мај 2016.
Протест на Шарена револуција, мај 2016.

Одолговлекувањето на процесот на формирање влада го умртви граѓанскиот активизам, кој пред изборите многу активно инсистираше на промени. Со доаѓањето на пролетта се будат и граѓаните, па ако неизвесноста и политичката криза продолжат не се исклучуваат нови протести и други форми на граѓански активизам.

Боите на фасада на Министерството за правда останаа да говорат за Шарената револуција од минатата година. Властите не ја исчистија фасадата на оваа зграда, за разлика од фасадите на Владата, Собранието, Триумфалната капија, кои беа најчестите мети на антивладините демонстранти. Претседателот Иванов ја повлече аболицијата, се формираше техничка влада која спроведе избори, претходно челните министри од ВМРО-ДПМНЕ си дадоа оставка, а Никола Груевски не е премиер. Дел од барањата сепак не беа исполнети.

Институционалниот вакум по изборите навидум го замре граѓанскиот активизам. Но со доаѓањето на пролетта се будат и граѓаните, па ако неизвесноста и политичката криза продолжат не се исклучуваат протести и други форми на граѓански активизам.

Граѓанскиот активист Замир Мехмети вели дека е крајно време да се реши политичката криза, а доколку не се случи тоа тогаш во земјава, како што вели, ќе има нови настани.

„Доаѓа пролет, па не е ништо чудно да се организираме. Луѓето навистина протестираа и се бореа, а се уште нема никаква разрешница, така што многу малку фали, односно не фали многу за да се собере уште еднаш народот.“

Потсетувајќи се на минатогодишните антивладини протести, кога повеќе од 70 дена имаше протест секој ден, Мехмети вели дека со Шарената револуција падна митот на стравот.

„Цел револт што беше собран изминативе десет години беше спакуван во еден балон или во неколку балони со боја. Мислам дека придонесе и има огромна заслуга во охрабрувањето на луѓето кои секојдневно се приклучуваа на Шарената револуција и ја поддржаа. И мислам дека голем број на луѓе кои се охрабрија и гласаа против актуелната власт е токму заради тоа што имавме Шарена револуција“, вели Мехмети.

Важно кај протестите минатата година е што имаше барања, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија. Барањата се навистина важни во еден процес на протестирање бидејќи обединуваат различни луѓе околу заедничка цел. Дел од барањата беа исполнети, дел не, така што успехот во таа смисла е поделен, односно протестот е делумно успешен, а делумно не, вели Поповиќ.

„Меѓутоа, како и повеќе протести во скорешното минато креираа една група на луѓе којашто споделува заеднички вредности и спремност за многу кратко време да се организира и да протестира за теми кои ги обединуваат, како владеење на правото, социјална правда, човекови права...Најразлични протести видовме изминатиот период, каде што има една група којашто си се познава и така се здружила.“

РСЕ: Налик на другари од протести.

„Пријатели од протести или другари, да биде поидеолошки. Таа група на луѓе е една основа за некои промени во иднина, која може да биде куче чувар против секоја власт која ќе се осмели да загрози човекови права, која ќе се осмели да посегне против поделбата на власт, што е основа за владеење на правото во едно општество и власт која ќе се осмели континуирано да генерира разлики во општеството меѓу различни луѓе.“, вели Поповиќ.

Власта веќе не може да работи неконтролирано
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:38 0:00

Кризата која трае подолг период се одразува на граѓанскиот активизам, согласни нашите соговрници.

„Граѓанскиот активизам се храни со победи. Колку повеќе успевате како една група или вие лично како активен граѓанин да обезбедите некаква победа. На пример минатата година дел од барањата на протестното движење беа остварени и тоа имаше мобилизациски фактор, имаше охрабрување и поттикнување на повеќе луѓе да излезат да протестираат. А кризата како таква не е баш овозможувачка вие како активен граѓанин да обезбедите победа“, вели Поповиќ.

Мехмети додава дека статус кво состојбата повторно ги турка кон апатија граѓаните.

„Кризата ќе придонесе за уште едно паѓање на општеството во апатија, која во последните пет – шест години беше навистина голема. Додека траеше Шарената револуција, ако тоа успеа да се тргне, одолговлекувањето на решавањето на кризата има преголемо влијание, го гуши не само граѓанскиот активизам, туку воопшто општеството“, вели Мехмети.

Во овој период, по изборите активни беа активистите кои се борат против загадувањето на воздухот, граѓаните кои бараат пониски цени на струјата и они кои не сакаат да плаќаат за парно услуга која не ја користат. Непосредно по изборите и приврзаници и раководството на ВМРО-ДПМНЕ протестираа пред ДИК, за како што велеа да спречат изборни манипулации, а имаше и протести во Охрид против СЈО.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека протести секогаш се опција и додава дека повеќе треба да се дискутира за структурата на протестите.

„Дали тие ќе бидат изборни протести или ќе бидат инструментализирани, координирани протести и сето ова ќе зависи од владата која ќе се формира“, вели Муслиу.

Тој вели дека и кај владејачката страна гледа подготовки за протести.

„Некои од нивните активности ме наведуваат на тоа дека има реални подготовки за евентуални можни протести, затоа што веќе и темите се кристализираат кои може да се користат во тие протести. Но сепак велам дека протестите не се нешто кои ние како општество треба да го избегнуваме, само треба да бидат повнимателни во вокабуларот кој го користат“, вели Муслиу.

Професор Никола Дујовски, кој предава на Универзитетот Свети Климент Охридски, вели дека може да се очекуваат контролирани протести по интензитет и по број.

„Затоа што кој и да формира влада, другата страна сигурно ќе искористи прилика да ги изнесе тие најсилните поддржувачи на улица и да бараат, едните можеби нови избори, а другите побргу формирање на влада, но сето тоа нема да биде од некој значителен карактер, едноставно во Македонија не се создадени условите за такви протести, особено не масовни, а посебно не насилни“, вели професор Дујовски.

Аналитичарите велат дека граѓаните попрво би се обединиле околу некоја идеолошка цел, отколку против практичен проблем, но дека желбата за подобро општество може да ги мотивира да ги надминат разликите и да излезат заедно на улица.

По бурниот период во Македонија, исполнет со политички превирања и излевање на граѓанскиот револт на улица, кога граѓаните решија дека не сакаат да бидат замолчени и ѝ порачаа на власта - сега ќе не чуете, протестите се во мирување, а сега напорите се граѓанските иницијативи да не згаснат.

Во меѓувреме протести го тресат регионот. Букурешт речиси еден месец се буди и заспива со масовни народни протести. Тензична атмосфера и масовни граѓански протести и се случуваат и на Тирана. Регионот се тресе и од антивладини протести во Црна Гора.

Миркица Поповиќ.

Речиси еден месец протести во Романија

Романскиот народ протестира против владата на премиерот Сорин Гриндеану, обвинувајќи ги за обид за поттикнување на корупција во државата по обидот да се смени кривичниот законик со цел олеснување на казните за корумпираните политичари.

Во државата врие. Во Букурешт половина милион Романци обединето го формираа романското знаме, испраќајќи јасна порака дека нема да дозволат никој да манипулира со нив и државата. Владата на социјалдемократот Гриндеану, која се формираше пред само еден месец, веќе се соочува со сериозна политичка криза поради овие најголеми граѓански протести во Романија во последните три децении по падот на Николае Чаушеску. Притиснат од граѓаните Гриндеану беше принуден да ги повлече одредбите со кои политичарите ќе можеа да избегнат судење за обвиненија за мито и корупција, а министерот за правда, Флорин Јордаче, кој беше автор на реформите поднесе оставка. Но, романскиот народ не застанува тука. Велат немаат повеќе доверба во владата и ќе останат на улиците се додека Гриндеану не си замине.

„Кога ќе се надмине границата [на толеранција] на Романците, тогаш може да се случи нешто како она што се случи во 1989, но овој пат без насилство“, вели Михаил, демонстрант во Букурешт

Албанската опозиција на улица против Еди Рама

Владата на Еди Рама е на удар на илјадници демонстранти предводени од опозициската Демократска партија. Демонстрантите и опозицијата велат доста им е од социјалистичката влада која ја втурнала државата во сиромаштија и корупција. На плоштадот Скендербег десетици илјади Албанци извикуваа пароли против Рама и запалија плашила од слама со ликовите на албанскиот премиер и неговите соработници.

„Сакаме слободни и фер избори. Сакаме оделување на политиката од криминалот. Сакаме достоинство, сакаме правда, сакаме вработувања, сакаме интересите на обичните луѓе да бидат на прво место“, изјави лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.

Опозицијата и граѓаните поставија шатори пред владата во Тирана и планираат да останат таму се додека Рама не си замине. Демократската партија поддржана и од екс премиерот Сали Бериша, го обвинува Рама за криминални активности, како и дека во последните четири години не ги исполнил ветувањата за илјадници вработувања и бесплатни здравствени услуги. Опозицијата вели шаторите ќе бидат отстранети само откако Рама ќе се согласи на формирање техничка влада која ќе гарантира спроведување фер и слободни избори во државата во јуни, избори кои се клучни за отворање на пристапните преговори меѓу Албанија и Европската унија.

Протести и во Црна Гора

Одлуката на црногорскиот парламент за одземање на имунитетот на лидерите на опозицијата Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ за наводен државен удар ги извади поддржувачите на опозициската партија Демократски фронт на улиците на Подгорица.

„Лажат, измислуваат и подметнуваат дека со лажен државен удар има било каква врска било кој од демократски фронт“, изјави Мандиќ, еден од лидерите на Демократски фронт.

Мандиќ и Кнежвиќ се осомничени за подготвување терористички напади за време на изборната ноќ во 2016, упад во собранието и обид за апсење на премиерот Мило Ѓукановиќ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG