Достапни линкови

Дневен печат – СДСМ и ДУИ блиску до влада


Лидерот на СДСМ Зоран Заев седиштето на ДУИ во Мала Речица се сретнa со лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 3 август 2013.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев седиштето на ДУИ во Мала Речица се сретнa со лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 3 август 2013.

Откако централното претседателство на ДУИ одлучи да го овласти партискиот лидер Али Ахмети да му ги даде потписите за добивање на мандатот за состав на нова влада, дневните весници пишуваат дека на повидок е нова владина коалиција.

Слободен печат ја објавува најновата вест, пренесувајќи ја изјавата на висок функционер на ДУИ за радиото Дојче веле: „Прифатен предлогот за јазикот, Ахмети одлучува кога ќе му ги даде потписите на Зоран Заев“. И дека ново продолжение на седницата на Централното претседателство ќе имало в петок. А на насловната, истиот весник со наслов во свој стил: „Потписи се нижат, Влада се ближи...“

Утрински исто така со оптимистички наслов: „Мразот помеѓу ДУИ и СДСМ стопен, се чекаат потписите“, наслов извлечен од изјавата на потпретседателката на СДСМ, Шеќеринска.

Нова Македонија со своја верзија: „ДУИ ќе даде одговор по маратонската дебата која ќе продолжи в петок“, цитирајќи го портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Груевски со свој одговор на позитивните сигнали од преговорите меѓу неговиот довчерашен коалиционен партнер и СДСМ: „Двете партии сакаат да направат дефакторизација на македонскиот народ, остануваме на браникот на државните интереси“ – ја пренесуваат неговата изјава сите печатени медиуми.

Вечер исто така нагаѓа за што разговарале Заев и Ахмети на средбата пред некој ден во Мала Речица: „Двојазична Армија, двојазични пари, двојазична полиција – со овие работи се тргувало во Мала Речица!“

Дека двојазичноста ќе се решава со законско решение, без да се менува Уставот, како што изјави и Заев, како да потврдува и Дневник, кој во насловот иронизира со албанскиот цврст збор: „Толку вреди бесата и на Алијансата – по Ахмети и Села отстапи од промена на Уставот за целосна двојазичност, ќе се одело на унапредување на употребата на албанскиот јазик преку законско решение“.

Од интеррегнумот во државава со техничка влада, долгите преговори за парламентарно мнозинство и парализата на Собранието без претседател, најверојатно некој пак ќе има ќар. Утрински насловува: „Локални се ближат, вработувања се нижат“, информирајќи дека во јавни претпријатија во Битола се планираат 67 нови вработувања, а „Македонски шуми“ бараат 223 лица за засновање работен однос на определено време и дека опозицијата обвинува дека тоа е лов на гласачи.

Инаку, проблемот со неактивирање на новото Собрание е вистински проблем: „Нема кој да ги закаже, ниту да ги откаже локалните избори“, информира исто така Утрински, а и Нова Македонија оди со наслов: „Неизвесност и за локалните избори“. Вечер признава: „Покрај парламентарни има и по некоја локална мака – Избирачкиот список е подготвен за локалните, мандатот на градоначалниците истекува во март!“

Инаку и „Амнести интеренешенел“ проговори за опструкциите против СЈО. Во најновиот извештај што го пренесуваат Утрински и Нова Македонија пишува: „СЈО продолжува да се соочува со притисоци“.

Сите весници објавуваат дека Катица Јанева и Фатиме Фетаи, инаку застапнички на обвинението против екс-премиерот Груевски за барањето „шамари“ за Жерновски, се казнети со по две илјади евра од страна на судијката Михајлова, која освен што е претседател на Судскиот совет е и в.д. претседател на Кривичниот суд. Нова Македонија објави дека Јанева и Фетаи „Ќе поведат постапка против Михајлова“, која според Фетаи го фалсификувала записникот од претходното рочиште. Вечер и Дневник со свое видување на работите: „Скандалозно однесување на специјалните обвинителки во судницата“ – насловува Вечер, а Дневник оди со наслов: „Циркус во скопскиот Кривичен суд – и забарот на Фетаи влезе во судницата“.

Изгледа дел од судиите се последниот бастион на досегашната власт: „Големата судска ’преселба‘“, гласи насловот во Утрински за новиот годишен распоред изработен од новата претседателка на Кривичниот суд, Михајлова. Во него се нашле сите судии што ја потпишале петицијата доставена до Судскиот совет против екс-претседателот на Кривичен, Владимир Панчевски. Слободен печат ја пренесува изјавата на специјалната обвинителка, Фетаи: „Распоредот на судиите треба да го парализира СЈО“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG