Достапни линкови

Мемети – Препораките на Народниот правобранител се игнорираат


Мемети – Препораките на Омбудсманот не се прифаќаат
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:05 0:00

Мемети – Препораките на Омбудсманот не се прифаќаат

Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието, кое не сака или е доведено во ситуација да не може да врши контрола врз извршната власт, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Мемети, состојбата со човековите права, односно нивното почитување, отсекогаш било слаба точка на македонското општество. Во очекување на годишниот извештај, може ли да дадете генерална оценка за тоа дали на тој план бележиме некаков прогрес или има уназадување?

Не знам како можеме и да се обидуваме да дадеме некаков белег дека има напредок во ситуација или случај кога веќе две години имаме колапс на институциите или политичка криза, која никако да заврши. Секако дека во таквите кризи страдаат правата на граѓаните, затоа што има нефункционални институции, затоа што има недоволна одговорност или воопшто ја нема. Тргнувајќи од тоа кои се поделбите во нашето општество, колку сме скарани едноставно, сета тоа влијае на тоа. За жал, не можеме да се пофалиме, напротив имаме уназадување или имаме помасовно прекршување на правата на граѓаните, а од друга страна и институциите за промоција и заштита се чувствуваат немоќни и бледнеат во таквите состојби. Особено како што е мојата институција, уставна, за контрола, мониторинг и заштита на човековите слободи и права, која работи на донација, наместо државата да издвојува доволно средства таа институција да има доволно кадровски капацитет и финансии да може да ја извршува функцијата до крај. За жал, ова е општата констатација од тоа што е наше согледување за состојбата со човековите слободи и права во 2016 година. Таа година ја карактеризираат и крупни повреди на човековите слободи и права, зголемена е полициската бруталност, зголемен е социјалниот ризик, потрошувачките права се на удар, затворите се посебна приказна, имотните права, финансиите итн.

Господине Мемети, освен медиумската покриеност и медиумското внимание коешто го добиваат вашите годишни извештаи, дали препораките коишто ги упатувате преку извештаите допираат до надлежните институции?

За жал не. Ова не е констатација туку состојба. Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието. Затоа што законодавната власт или не сака или е доведена во таква состојба да не може да врши контрола над извршната власт, а препораките на Омбудсманот се во таа насока, односно тие се алатка во рацете на законодавната власт да ја контролира извршната и да ги подобри состојбите, било во насока на носење на закони или во насока на спроведување на истите. Омбудсманот низ неговите истраги ги наоѓа проблемите и работи за Собранието, за граѓаните. Што се користи од тоа? Ништо. Единствена сатисфакција на оваа институција, која се обидуваат да ја закопаат до крај, е тоа што за индивидуални случаи, годишно над 1000 констатирани повреди, успеваме да ги убедиме органите да ги прифатат нашите препораки, но тоа се индивидуални. Што правиме со општите состојби? За жал, моите препораки не се примаат, немаат разрешница, немаат ефект. Зборувам за општите препораки. Кај нас сè е исполитизирано. Кај нас граѓаните не ги штити процедура и систем. Може да ги штити само познавања, односно сè што е надвор од тоа што значи правила на однесување. Затоа посакувам што побрзо да заврши оваа состојба.

Од сето она што досега го кажавте, логичен е заклучокот дека со другите институции на системот немате добра соработка, со некои воопшто немате соработка. Постојано укажувате на тоа дека не функционираат институциите на системот и дека законските прописи не се спроведуваат. Дали како Народен правобранител вие може да смените нешто во насока на подобрување на таа состојба или кренавте раце?

Многу малку може Народниот правобранител ако нема политичка волја да се примаат неговите препораки. Во извештајот за 2016 во одредени сегменти, кај одредени функционери јас барам не само морална и политика одговорност. Има елементи и за кривично да одговараат за тоа што го прават, за тоа што им го нанесуваат на граѓаните.

Целото интервју со Народниот правобранител Иџет Мемети можете да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG