Достапни линкови

logo-print

Колективна казна за штрајкувачите во судовите


Судските административци кои штрајкуваа и бараа надоместоци на плата, сега ќе добијат помала плата за 40 отсто. Тие наместо со поединечни решенија се казнуваат со колективна одлука. УПОЗ во одлуката гледа заплашување.

На вработените во судската администрација со колективни одлуки им се кратат платите за 40 проценти поради учество во штрајк, наместо со поединечни решенија на кои ќе имаат право на жалба, што е противуставно и незаконски, посочуваат претставници на УПОЗ. Оттаму велат дека Судскиот буџетски совет испратил нов допис до претседателите на судовите, задолжувајќи ги да им исплатат плата од 60 проценти за месец јуни на сите учесници во штрајкот на судската администрација, кој почна во мај годинава.

„Ќе го земам за пример Основниот суд Скопје 2. Од околу 360 вработени, таму знам дека десетина луѓе потпишале дека не штрајкуваат. Значи, не може да се земе за пример дека сите останати штајкуваат и не може да се донесе една групна одлука да бидат скратени платите. Не може колективно, мора поединечно. Мора со поединечно решение работодавачот да ме извести дека ми е скратена платата за време на штрајк и на тоа решение јас да имам право на жалба“, вели генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Дејановски.

Тој објаснува дека Судскиот буџетски совет првично испратил допис до претседателите на судовите, согласно член 77 од Законот за судска служба да изготват поединечни решенија за секој вработен за кратење на платите, но оти деновиве испратиле нов допис за примена на колективното кратење на платите.

„Ќе го цитирам дописот: Трансферите на судовите при пресметка на плата за месец јуни за сите вработени кои штрајкуваа да го применат член 77, односно да добијат плата од 60 отсто и тоа да се направи со наредба до благајна сметководство. Веќе имам некои јавувања од некои претседатели на судови дека се врши притисок и се закануваат на благајниците дека доколку тоа не го направат ќе добијат дисциплински постапки со отказ“, вели Дејановски.

Дејановски вели дека одлуката е донесена за заплашување на вработените и прекинување на штрајкот, бидејќи судовите немале евиденција за тоа кои вработени штрајкуваат. Тој најави дека УПОЗ за ваквата одлука ќе ги извести Државниот инспекторат за труд и Народниот правобранител.

Професор Темелко Ристески коментира дека не може колективно да им се намалуваат платите на вработените и дека во ваков случај тие можат да се заштитат со поведување на работен спор пред надлежниот суд, откако ќе се расчисти работата околу жалбите.

„И трета можност е да поднесат претставка до Народниот правобранител, со оглед на тоа дека се работи за лица коишто се вработени во јавна институција. Тој треба да интервенира и да го испита степенот на повредата на законитоста и да им наложи на надлежните судовите да се отстранат незаконитостите“, вели Ристески.

Инаку судската администрација штрајкуваше барајќи рамноправност со судиите во делот на исплатата на надоместоци на плата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG