Достапни линкови

Дали одредени судии ја блокираат работата на СЈО?


Архивска фотографија, Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Архивска фотографија, Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Неиздавањето на судски налог за претрес кај сегашни и поранешни високи функционери отвора сомнеж дека судот сака да ги заштити осомничените од постапките на СЈО и со тоа да го отежни обидот за прибавување на материјални докази, велат познавачите на судските процеси.

Именувањето на судиите кои не потпишуваат налози за претрес, само укажува на крајот на трпението на Специјалното јавно обвинителство кое постојано се соочува со опструкции, велат познавачите на судските процеси. Начинот на којшто постапуваат судовите по барањата на Специјалното јавно обвинителство претставува преседан во судската практика и предизвикува огромна штета, особено затоа што влијаат врз фазата во која едно обвинителство се обидува да прибере материјални докази за да може да оформи обвинение, вели поранешниот судија и поранешен член на судскиот совет, професор Осман Кадриу.

Неиздавањето на судски налог за претрес е уште една отворена опструкција во потрагата по правда, на што тимот на Катица Јанева мора да реагира до повисоките инстанци, додава тој.

„Специјалното јавно обвинителство мора да го извести Судскиот совет. Судскиот совет треба да поведе постапка за одговорност по два основи за одговорност наведени во Уставот, а тоа се поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Тоа е во надлежност на Судскиот совет“, вели Кадриу.

Како што се движат работите, може да се утврди и дека има елементи на конкретни кривични дела, како што е злоупотреба на службената дејност на судиите, додава тој.

На тврдењата на Специјалното јавно обвинителство реагираше и Основниот суд Скопје 1 кој во писмено соопштение посочи дека судиите постапуваат согласно законските процедури и Судскиот деловник и оти тоа во никој случај не е отежнување на нечија работа.

„Дополнително, зачудува заканувачкиот вокабулар во писмените дописи и јавни соопштенија на СЈО кон судот и судиите, а јавното повторување на имињата и презимињата на судии на претходна постапка и судии во кривичните совети кои постапуваат по конкретни предмети не можат да влијаат врз судиите во овој суд и нивното непристрасно и законито одлучување. Особено ако се земе предвид начинот на презентирање на соопштенијата каде за судските одлуки од кои СЈО не се задоволни ги објавуваат имиња и презимиња на судиите, додека за оние одлуки од кои се задоволни не ги објавуаат имињата и не се информира јавноста иако се работи за истите судии со што се прави обид за јавен линч на судиите,“ се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Досегашната пракса покажува дека Кривичниот суд речиси никогаш не одбил барање на Основното јавно обвинителство барање за претрес, што отвора сомнеж дека судот сака да ги заштити осомничените од постапките на СЈО и со тоа да го отежни обидот до прибавување на материјални докази вели долгогодишниот адвокат Звонко Давидовиќ. Тој посочува дека без обезбедување на материјалните докази не може да се утврди дали некој е виновен или невин.

„Огромна е штетата, затоа што вие имате разговори кои макротрпно ги преслушувате, на крај доаѓате во ситуација да добиете од тие разговори индиции за докази кои може да ги прибавите и каде евентуално тие докази би се наоѓале и сакате да обезбедите материјални докази за да излезете со квалитетно и издржано обвинение и воопшто да ја утврдите вистината, едно ако доказите покажат дека некој е невин, или ако е обратно ќе се покрене обвинение па судот ќе донесе одлука. Штетата од оневозможувањето да се утврди вистината и да се прибават материјалните докази е огромна“, вели Давидовиќ.

Во соопштението на Специјалното јавно обвинителство детално е наведено кои судии како постапиле по нивните барања, истакнувајќи дека досега само едно барање за претрес за случајот Титаник им било одобрено.

„Сите останати барања за издавање на наредби за претрес, кои се однесуваа на сегашни и поранешни високи функционери, се одбиени. Имено, судиите за претходна постапка на кои им биле доделени овие предмети и тоа судијата Елена Јосифовиќ и судијата Александра Поп Стефанија изразиле несогласност по барањата за определување наредба за претрес, а кривичните совети во состав од судиите Љубинка Башеска, Горан Бошевски и Владимир Панчевски, од судиите Владимир Панчевски, Ленка Давиткова и Диана Груевска Илиевска и од судиите Ленка Давиткова, Диана Груевска Илиевска и Ивица Стефановски ги уважиле изразените несогласности на судиите за претходна постапка“, наведува СЈО во соопштението.

И за двете судијки на претходна постапка, Специјалното јавно обвинителство побара изземање поради сомнежи за конфликт на интереси, односно дека нивни блиски се инволвирани во предметите. За Елена Јосифовиќ, која го води случајот „Трезор“, СЈО побара изземање поради сомнежи дека нема да постапува непристрасно затоа што братот на нејзиниот сопруг имал деловни врски со фирмата „Финзи“ на покојниот сведок Коста Крпач, што исто така е под истрага. За Александра Поп Стефанија, пак, СЈО има побарано изземање во случајот „Тврдина“ со Гордана Јанкулоска, бидејќи поранешната министерка се води како вработена во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранокот на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.

СЈО тврди дека до судот поднеле неколку барања за издавање наредби за претреси за различни предистражни и истражни постапки, заедно со докази и разговори од незаконското следење на комуникациите.

„Иако барањата беа предадени на дежурниот судија, сепак од непознати причини за ова Јавно обвинителство, дежурниот судија беше заменет и барањата беа доделени на други судии на постапување“, наведува СЈО.

Ова обвинителство се жали дека одлуките за нивните барања биле донесени по истекот на законските рокови, со што постапката се одолговлекува и се оневозможува итност во постапувањето.

Од Основниот суд велат дека Јавениот обвинител Лиле Стефанова од СЈО пред да заврши работното време се упатила кај дежурен судија на претходна постапка, и постапила спротивно на Деловникот.

„Нејасно е, зошто, и покрај воспоставените процедури, јавниот обвинител Лиле Стефанова не ги испочитувала и се упатила директно до дежурниот судија на претходна постапка и конкретните барања не се спроведени на соодветен начин и не се внесени во АКМИС системот, а имајќи предвид дека имало доволно време со оглед да работното време на судот е до 16:30 часот, а дежурниот судија постапува по 16:30 часот,“ вели во судското соопштение.

Давидовиќ вели дека досега никогаш не се случило одреден судија на претходна постапка да добие предмет, па потоа тој да му биде предаден на друг за да одработи.

„Една од тие судијки, кога беше во прашање предметот „Еразмус“, мерки за претпазливост кој ги предложи обвинителството за организиран криминал ги прифати без никаква дискусија и без никаква законска логика, а овде имаме теоретиризање за наредби за претрес, навистина незамисливо и чудно“, посочува Давидовиќ.

Останатите наведени судии на кои СЈО се пожали, претходно работеа на предмети кои предизвикаа контроверзии во јавноста.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG