Достапни линкови

Цел ден на студот за некој денар


На улица на поларни температури
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:43 0:00

На улица на поларни температури

Студот никако да попушти, а ни сиромашните пред него. На студено со часови поминуваат на отворено во потрага по денар плус за да го истуркаат и проживеат најдолгиот месец во годината. Најсиромашните луѓе во земјава и најтешко ја преживуваат зимата. Изминативе денови температурите во текот на денот се движеа околу нулата.

Со испружена рака и тажен поглед, седнат на мермерните плочки во Градскиот трговски центар во Скопје, повозрасен човек моли за помош. Системот, како и граѓаните кои поминуваат покрај него, го гледаат, знаат дека постои, но не го забележуваат. Минусни температури му го отежнуваат и без тоа тешкиот живот. Дел од луѓето оставаат по некој денар, кој колку може, вели питачот кој ни се претстави како Азир Азир. Ни објасни дека ваквиот начин на живот го запознал уште како дете. Има 60 години, ама во животот работа не нашол. Документи нема, освен лична карта.

„Еве просам, барам, со тоа се крпам, немам јадење, стара куќа имам, што најдам јадам, пијам, најчесто наоѓам храна по контејнери“, вели Азир.

Тој раскажува дека живее во стара куќа со сопруга инвалид, и дека храната ја обезбедува со помош на милостината од сограѓаните. Тој додава дека на овој студ, куќа со речиси урнат покрив не се грее.

„Ми падна цел кров, да дојдеш да видиш, ќе си речеш овде не може да живее ни мачка ни куче, а камо ли пак човек“, додава тој.

Капа, шал, неколку дебели џемпери и јакна е целата заштита на пазарџиите кои работат на отворено. Велат навистина им е студено, ама леб дома мора да се донесе.

Од студот најпогодени сиромашните
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Јовица Костовски веќе десет години продава лук и везени пиперки во близина на скопскиот пазар, за да може неговото семејство да излезе на крај. Тој вели дека со домашниот буџет од 12 илјади тешко се живее. Заработка голема нема, ама мора на студот да се обиде да најде начин да ги закрпи дупките во паричникот, објаснува Костовски.

„Се прилагодуваме, кога некој е принуден на нешто, или има цврста желба и волја, човек се привикнува, станува навика, иако е малку ладнично, ама се навикнавме“, вели тој.

Костовски додава дека откако пред десетина година станал технолошки вишок во Железара, друга работа не можел да најде па затоа сега се обидува да заработува продавајќи на картонска тезга пред скопски пазар.

„Не е тоа заработувачка, тоа е за еден гол живот, некои поситни трошоци да се покријат, да се закрпи нешто, за толку стасува само“, вели Костовски.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, околу 450 илјади граѓани живееле под праг на сиромаштија. Големиот студ во најдолгиот месец од годината најмногу ги погоди сиромашните, оние кои деновите ги поминуваат на отворено во потрага по некој денар плус за да се истурка месецот. Според официјалните податоци, студот зема најмалку 4 жртви од кои двајца се бездомници. Во земјава се евидентирани 150 бездомници.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG