Достапни линкови

Десоросизација - обид за целосна контрола


Парите на Сорос ја спречуваат целосната и тотална контрола на Груевски, па и на Ахмети врз моќта на општеството да се спротистави на нивните политики, па затоа и отвораат војна против нив.

Интензивната и агресивна кампања против Сорос, која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја најави и во постизборниот проглас, а која во периодов засилено се спроведува, според политичките аналитичари, е резултат на неколку причини. Идеолошката причина е дел од глобалната војна помеѓу културите, вели политичкиот аналитичар Арсим Зеколи, додавајќи дека Груевски и десницата го сметаат Сорос за татко на либерализмот, кој пак е природен ривал на десничарскиот авторитаризам на кој Груевски, Трамп и новата десница и припаѓаат.

„Втората причина е попрактична и финансиска, бидејќи средствата на Сорос ја спречуваат целосната и тотална контрола на Груевски, па и на Ахмети врз моќта на општеството да се спротистави на неговите политики. Груевски смета дека доколку нема пари, нема да има ни моќ, ни начини, ниту сила општетството да се спротистави на неговите политики“, вели Зеколи.

Ова, пак, според упатените, е иронично, ако се има предвид дека токму тој Сорос и има помагано на оваа власт додека била во опозиција да преживее и да влијае врз политичките текови.

Третата причина, според Зеколи, е внатреполитичка и цели кон создавање раздор во самата опозиција преку поделба на фракции и кланови кои се осомничени од страна на Груевски дека се зависни од Сорос. На тој начин тој ги поттикнува популистичките фракции и струења во опозицијата со кои многу полесно ќе може да се справи.

Професор Денко Малески вели дека причината за изразената борба на ВМРО-ДМПНЕ против мрежата на Сорос се загрозените позиции на владејачката партија.

„Владејачката партија по изборите веќе треба да планира да се повлече во опозиција и наоѓајќи се под притисок од сите страни удира тука каде што чувствува дека тој притисок е најдиректен,обидувајќи се да воспостави повторно некаква контрола во обид да ја сочува власта“, изјави Малески.

Последниот пример на протести на Македонци пред кулата на Доналд Трамп во Њујорк, а против фондацијата на Џорџ Сорос и неговите политики ја отвораат дилемата дали тоа е по иницијатива на Илинденска или, пак, резултат на нивните врски со крајно десничарските струи во Републиканската партија во Соединетите Држави и Европската народна партија.

„Демократијата и демократските процеси веќе не се доволни за да ја детектираат автократијата која цути насекаде низ светот. Но, затоа либерализмот станува доминантен како единствениот преостанат ривал. И тоа како Трамп, така и Груевски овде го имаат забележано и прават обиди да се спречи“, истакнува Зеколи.

Иако мислењата дека смената на американската администрација и лошите лични односи Трамп-Сорос влијаат на интензивната кампања против Сорос во земјава се површни, тој елемент не се исклучува.

„Американската политика не ја сочинува само претседателот на Соединетите Држави, туку една развиена институционална мрежа на демократски институции и силен цивилен сектор“, изјави Малески.

Очекувањата се дека со смената, Трамп нема да инсистира толку на промовирање на демократијата надвор,или каква форма на власт ќе има некоја држава, туку ќе биде повеќе ориентиран кон бизнисот, заклучува Малевски, кој ваквите проценки ги смета за погрешни.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG