Достапни линкови

Од ЕЛЕМ тврдеа дека зафатите се тековни, а сега увезуваат струја


РЕК „Битола“.
РЕК „Битола“.

Во грејна сезона РЕК Битола, пет дена работеше со два блока, а третиот беше во дефект, па поради тоа се увезува струја. За модернизација на вториот и третиот блок државата потроши 49 милиони евра.

По петдневен застој, проработи третиот блок во РЕК „Битола“. Од „Електрани на Македонија“ соопштија дека е отстранет дефектот и електраната сега работи со полн капацитет, а електроенергетската состојба во земјава е стабилна.

Состојбата со застоите и дефектите во блоковите на РЕК „Битола“ ескалира деновиве, кога третиот блок остана надвор од системот за производство за време на најголемата потрошувачка на струја, па беше неопходно да се увезува електрична енергија. Надлежните и овој пат рекоа дека проблемот е пукната цевка, како и претходно кога тврдеа дека застоите се од технолошка природа и ја смируваа јавноста дека се работи за тековна активност, која нема да се одрази врз производството на струја.

Минатата година, според она што беше соопштено во јавноста, најмалку два пати сите три блока на РЕК на работеа истовремено, иако комбинатот е главниот производител на струја во земјава. Тоа беше на 10 јуни и 11 август, а надлежните кажаа дека едниот е исклучен заради поправка, другиот е во ремонт, а третиот во плански застој. Во текот на истата година најмалку уште неколкупати се случуваше комбинатот да работи без еден блок, поради дефекти.

Од Социјал-демократскиот Сојуз деновиве обвинија дека сето ова се случува и покрај скапите ремонти и модернизација на блоковите.

„Ова му се случува на комбинатот, иако се потрошени стотици милиони евра за наводни поправки и ремонти, пари на граѓаните. РЕК „Битола“ произведува 80 проценти од струјата во Македонија. Поради неодговорните политики на власта, која десет години се занимава со криминални тендери, не работат другите енергетски капацитети, како ТЕЦ Осломеј и Неготино. Токму затоа граѓаните се во ризик на минус 20, за време на големиот студ што ја зафати земјата, да останат без домашна струја“, рече Васко Ковачевски од СДСМ- Битола.

Според податоците објавени во јавноста, ревитализацијата и модернизација на вториот и третиот блок државата ја чинеа 49 милиони евра, првиот 21 милион евра. И покрај ваквите зафати, се увезува струја.

„Засега проблемот се решава со многу скап увоз на струја која ги чинеше граѓаните на Македонија околу половина милион евра за само два дена. Распишан е нов тендер за интервентен увоз на струја, цената е плафонска, над 600 проценти повисока од одобрената од Регулаторната комисија за енергетика. Набавена е увозна струја по цена од неверојатни 220 евра по мегават час. За пет дена граѓаните на Македонија ќе платат огромни речиси два милиони евра“, вели Ковачевски.

Од ЕЛЕМ соопштија дека заради проблеми со цевки, третиот блок беше надвор од производство неколку дена, поради што мораше да се увезе струја.

Генералниот директор, Христијан Мицкоски, изјави дека сепак во најстудените денови, на 8, 9, 10 и 11 јануари, преку 80 отсто од потребите за струја биле задоволени од домашно производство. Тој рече дека заклучно со денеска за увоз на енергија се потрошени два милиона евра, но финансискиот кусок ќе биде многу помал.

„Пред нас е поволен период, зашто снегот што се топи ќе ја намали цената на струјата во регионот. Ќе има многу евтина енергија напролет, почнувајќи од март“, рече Мицкоски.

Во врска со обвинувањата на СДСМ, тој нагласи дека со опозицијата разговараат на различен јазик и нема да коментираат небулозни тврдења кои немаат никаква научна и техничка логика.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG