Достапни линкови

Партиите се натегаат околу работата на РЕК „Битола“


Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за неработењето на трите блока на РЕК „Битола“ во еден ден. Од СДСМ тврдат дека и покрај модернизација на блоковите, чести се испадите. ВМРО ДПМНЕ истакнуваат дека ситуацијата во РЕК „Битола“ се користи за политички поени.

Тоа што во еден ден не работеа трите блока на РЕК „Битола“ предизвика дискусија во јавноста за функционирањето на енергетскиот стожер на Македонија. Од комбинатот писмено објавија дека едниот блок накратко бил исклучен од производство поради поправка на технолошка состојба, другиот е во редовен ремонт и третиот е плански исклучен поради поволна хидролошка состојба.

Од опозицијата пак, обвинија дека и покрај модерницазијата на блоковите, чести се испадите.

И покрај потрошените стотици милиони евра за реконструкции, ремонти и слично во РЕК постојано има испади и дефекти на термоелектраните во комбинатот. ЕЛЕМ дозволува пад на производството и не инвестира во основната дејност, рече пратеникот од СДСМ, Васко Ковачевски.

Благојче Котевски, советник од Социјал-демократскиот сојуз во битолскиот општински совет вели дека во дефект се и багери во рудниците.

Неквалитетно направен ремонт, зголемување на бројот на дефекти, испади на блоковите, ископ на неквалитетен јаглен, зголемена потрошувачка на мазут, помало производство на електрична енергија. Што се случува со блок 1 ремонт, нега, застој или нешто друго? Што се случува со блок 2? Дали се склучени договори за ремонт со фирми изведувачи, дали комбинатот има делови за ремонт и репроматеријали. Двете клучни багерски единици, СРС 1300 СРС 1050 се во дефект. Кога истите ќе бидат пуштени во употреба?, истакнува Котевски.

Едниот од блоковите е во редовен ремонт, процес што редовно и задолжително се спроведува во овој период од годината, а другиот термо блок веќе извесно време е надвор од електроенергетскиот систем, но не поради технички недостатоци, туку поради поволна хидролошка состојба и потребата предност при производството на електрична енергија да им се даде на хидропотенцијалите.

Од комбинатот на обвинувањата одговорија со соопштение. Во него се вели дека во обид да заработат некој ситен дневно политчки поен, дел од партиите покажуваат непознавање на функционирањето на електроенергетскиот систем.

„Едниот од блоковите е во редовен ремонт, процес што редовно и задолжително се спроведува во овој период од годината, а другиот термо блок веќе извесно време е надвор од електроенергетскиот систем, но не поради технички недостатоци, туку поради поволна хидролошка состојба и потребата предност при производството на електрична енергија да им се даде на хидропотенцијалите“, е наведено во соопштението.

Од комбинатот тврдат дека за време на краткотрајниот застој на еден од блоковите, не е увезен ниту еден киловат час електрична енергија, а електроенергетскиот систем на државата е стабилен. Додаваат дека веќе се почнати потребните постапки за набавка на нова механизација на рудниците.

На истата тема се огласија и од битолскиот огранок на партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ.

Користењето на работата на РЕК Битола за дневно политички поени и не е паметен потег. Но, ние работиме. Вложувањето на оваа власт во РЕК е голема и значајна. Реализирани се повеќе финансиски вложувања, како што е модернизацијата на турбоагрегатите и ревитализација на ТЕЦ Битола за намалување на емитувањето на сулфур диоксид, направен е проект за топлификација на Битола, Могила и Новаци, рече портпаролката Валентина Маркоска.

Дебата околу работата на РЕК најчесто се води преку партиски препукувања, скоро и да нема независни експерти од Битола кои проговориле на оваа тема.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG