Достапни линкови

Иднина ли е, фикус ли е?


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.
Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Оној што ќе прави влада после ДПМНЕ, наследува кола на која треба да и направи ремонт, а не смее да ја продаде. Десет години ремонт, уште десет години раздвижување и возење по нормални патишта. После тоа можеме да зборуваме за развивање и напредок на македонското општество и економија, се до тогаш е ремонт, пишува Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Претседателот Иванов сакал или не, мораше да ѝ се обрати на нацијата за Нова година. Ако некој го праша, тој попрво би берел калинки и раскажувал прикаски за античките Македонци, отколку да држи говори во кои одамна никој не верува. Но, сепак не ја пропушти шансата да држи лекции и себеси да се поставува за лажен спасител на Македонија. Кој му го напиша говорот, да му ги врати парите.

Трагедијата не е во говорот, туку во моментот дека тој до 9 јануари треба да му го даде мандатот на Груевски или на Заев да направат влада. Исто како и со говорот, тој веднаш би му го дал мандатот на Груевски, само да не чека што ќе кажат партиите, поточно кој како се испазарил.

За, пак, да не биде досадно на Балканот, а во него и Македонија, информација ќе добиеме дури пред истекување на рокот. Држи го народот во што поголема тензија за полесно да го манипулираш. А во манипулацијата на ДПМНЕ им нема рамни.

Откако се насобраа со група агресивни поддржувачи и со денови му се закануваа на ДИК, вршеа притисок и го дигаа Ќосето од мртвите, сега почнаа да се расфрлаат со изјави од типот соживот и слично. После забавната телевизиска програма пред ДИК, Албанците и Македонците треба да запаметат две работи. Македонците да запаметат дека за прв пат во историјата на независна Македонија Албанците имаа храброст да гласаат за македонска партија без националистичка програма. Нешто што во догледна иднина Македонците на спротивен план нема да го направат. Албанците да не заборават дека тие за мнозинството вмровци се Индијанци, неписмени, балисти и племе кое треба да се сотре. Па утре кога ќе тргне некоја албанска партија да коалицира со ДПМНЕ, само нека ги потсетат на реториката од телевизиската програма наречена ДИК.

Друг проблем се наметнува дополнително. Со кои луѓе ДПМНЕ ќе прави влада? Со истите докажани кадри, секако. Тие кои треба да одат во затвор за неописиви криминали за кои слушнавме во дел од прислушуваните разговори, а кои на нормален човек од западот тешко можеме да му ги објасниме. Навистина тешко ми беше за некои портали од западна Европа да пишувам извештаи од изборите. Оди па објасни им го хаосот.

Ни СДСМ не се идеални. Со изјавите дека Груевски во политиката не вреди веќе ништо нема многу да променат, само го залажуваат членството. Не дај боже тој ист Груевски да добие мандат за влада и да се испазари со ДУИ за кои се фали дека имал доволно пари да ги купи. Дури тогаш ќе спроведе десдсмизација и ќе направи македонски Голи Оток.

Повикот на партискиот претседател Заев кон своето членство да им се подаде рака на тие што си отишле од партијата и сакаат да се вратат, а и на тие кои сакаат за прв пат да дојдат треба да биде предмет на анализа. Аверсот на тој повик е помирување и да нема зла крв помеѓу луѓето, но реверсот отвора простор за мајка бизнис и партиска бежанија од ДПМНЕ кон СДСМ за да се задржат директорските функции, а и расцветаниот бизнис. Со ваков повик СДСМ се изложува на цунами од „побегуљи“ кои само ќе го зајакнат клиентелистичкиот карактер на партијата и ќе уништат секаков обид на свртување кон вистинското членство.

А каква влада ни треба? Секако не вмровска. Нè уназадија за последниве 11 години, а 20 години ќе ни треба да се оправиме. Оној што ќе прави влада после ДПМНЕ, наследува кола на која треба да ѝ направи ремонт, а не смее да ја продаде. Десет години ремонт, уште десет години раздвижување и возење по нормални патишта. После тоа можеме да зборуваме за развивање и напредок на македонското општество и економија, сè до тогаш е ремонт. Ремонт кој ќе ги открие вистинските убијци во случајот Монструм и ослободи невино осудените во случајот Сопот. Кој ќе ги исфрли од судскиот систем евтините судии кои се продаваат за накит и ќе ги стави скапите судии чија единствена цена е правдата. Ќе создаде простор за делување на нови Фатими, Катици и Ленчиња, ликови кои докажаа дека во земјата сè уште постојат вистински професионалци на кои може да им се верува. И не само во нивната сфера на работа, туку секаде.

Сакаме влада која е создадена од професионалци и луѓе без криминален багаж. Еден богат Луксембург можеби може да си дозволи скандал од мега пропорција кога деновиве се дозна дека бившиот нивен премиер, а потоа и претседател на ЕУ Комисијата, додека бил премиер, го саботирал имплементирањето на даночната ЕУ политика во Луксембург. Така својата земја ја направи ултра, а на Амазон, Скајп, МекДоналдс им создаде антиданочни раеви. Време и простор за грешки од типот „извините, шалили смо се“, немаме.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG