Достапни линкови

Партиски пари - едно во извештаите, друго на терен


Илустрација. Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Илустрација. Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа што се гледа на терен, не соодветствува со тоа што го пишуваа партиите во своите финансиски извештаи. Недостасуваат повеќе детали за да може да се каже со сигурност дали и колку партиите биле транспарентни, ниту пак се казнуваат прекршителите.

Скапи реклами по медиумите, броен рекламен материјал, митинзи на кои луѓето со автобуси се носеа од други градови, па закупување на простор, пејачи и актери кои се носат за анимација на членството, сето тоа треба да се плати. Изборните кампањи изгледаа скапо, но како тоа се претставува во финансиските извештаи на партиите? Познавачите на оваа област се сомневаат во веродостојноста на извештаите.

Финансиските извештаи за тоа како партиите трошеле пари за време на изборните кампањи не ја покажуваат реалната слика, вели поранешниот член на државната антикорупциска Комисија, Ариф Муса. Тој додава дека тоа што се гледа на терен не соодветствува со тоа што се доставува како извештај до надлежните институции.

„Трошоците се двојно или тројно поголеми од тоа што политичките партии го прикажуваат како трошоци или како приходи, земено заедно.“

Државниот завод за ревизија треба да ги посочува недостатоците во финансиските извештаи и да им даде налог на другите институции да проверат како се трошени парите. Но има една аномалија во однос на тоа колку Заводот настојува нивните извештаи да бидат разгледувани професионално од другите институции, посебно од Обвинителството и од Управата за јавни приходи, вели Муса. Тој го повторува ставот дека имаме добра регулатива и дека законите треба само да се спроведуваат.

„Расчистувањето со прекршителите на законот, злоупотребата на функцијата и на овластувањата, посебно од страна на државните органи, треба да оди до крај, треба да има разрешница, а нема, посебно Обвинителството и Управата за јавни приходи не покренуваат постапка против високите функционери, значи не го тераат извештајот до крај“, вели Муса.

Тој додава дека неказнивоста на функционерите кои го прекршуваат законот ги поттикнува и други луѓе кои се на пониски функции да го следат нивниот пример.

Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија вели дека за разлика од 2011 кога започнале да ги следат финансиските извештаи на партиите, сега има напредок.

„Но и овој пат транспарентноста, иако се објавуваат извештаите, не е на високо ниво, не се почитуваат законите. Извештаите не се доволно детални, за да можеме ние како набљудувачи на целиот овој процес да кажеме со сигурност дали и колку партиите биле транспарентни.“

Од самите извештаи не може да се види на што се потрошени парите и колку трошоците се реално претставени, а владејачките партии имаат уште една моќ да искористуваат државни добра или да вршат против услуга на фирми .

„Владејачката партија, бидејќи ја има власта, меѓудругото го има и целиот тој механизам да ги користат и општините, па не може да се каже дали извештаите се веродостојно, бидејќи може да ги користат и другите добра кои што ги нуди и самата држава, односно средства од буџет, како што се бензин, превоз... тука можеби има и правни лица, односно фирми кои понатаму ќе добијат противуслуга од они кои ќе дојдат на власт, како јавни набавки, тендери, попусти инт“, вели Јаневска Делева. Таа додава дека треба да се почека на извештајот на Заводот за ревизија за да се види како партиите го покриле минусот на салдото и како трошеле пари за изборите.

Домашните организации кои го следеа изборниот процес велат дека старите болести се провлекуваат и овој изборен циклус. Од Транспаренси интернешнал-Македонија., по изборите соопштија дека партиите за време на изборниот процес за нивните политички кампањи потрошиле два пати повеќе отколку што имале приходи од донации.

Во првичниот извештај по изборите, пак, од ОБСЕ/ОДИХР нотираа дека регулативите се сеопфатни, но транспарентноста е намалена поради непостоењето обврска за учесниците во изборниот процес да приложат банкарски изводи и сметки со извештаите.

„Извештаите поднесени од страна на учесниците во изборниот процес на 1 и 10 декември покажуваат значителни надминувања на буџетот, особено од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во извештајот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG