Достапни линкови

Кокаланов – Свесноста за лудилото е прв чекор кон излез


Кога човек ќе стане свесен дека троши за чоколадо, а нема ни за леб, со една нога е извлечен од лудилото. Првата и основна работа за да престанеме да бидеме лудаци е да бидеме свесни дека живееме во лудило, вели новинарот и сатиричар Сашо Кокаланов, автор на романот „Ние сме лудаци“, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Кокаланов, неодамна се случи промоцијата на „Ние сме лудаци“. Книгата ја започнуваш со еден цитат од „Алиса во земјата на чудата“, во кој таа вели дека не сака да оди меѓу лудаци, на што добива одоговор дека и таа е луда, инаку не би била таму. Останаа ли само лудаците во земјава, а останатите си заминаа или веќе ги пакуваат куферите?

Треба да се направи еден систематски преглед да видиме кој остана во државата. Тој систематски преглед обично во некои држави се вика попис, меѓутоа кај нас од некои причини не го спроведуваме, така што не знаеме точно што сè има во државата, а што е отселено. Не мислам дека ние што останавме овде ќе останеме лудаци засекогаш. Јас книгата ја пишував длабоко уверен дека ние не сме лудаци. Ја спомнавте вие „Алиса во земјата на чудата“, тој тип на лудило во кое ќе станеш свесен дека си во некаков луд сон, со тоа практично веќе си направил еден чекор надвор од лудилото. И не случајно е одбрана „Алиса во земјата на чудата“, како некаков лајтмотив во книгата, затоа што таму предметите кои се мали, нели, стануваат големи и на Алиса и изгледаат огромни, а она што е големо и недостижно изгледа дека и е при рака. Во суштина мислам дека ние живееме во еден таков тип на лудило во кое од реално малите препреки правиме баук, кој не може никако да се совлада, а тие што ни се реално големи проблеми мислиме дека ќе ги решиме за миг. Мислам дека сè уште го живееме тоа, но полека гледаме дека почнуваат луѓето да се освестуваат. Бидејќи сега сме во изборен молк, нема за зборувам за конкретни примери, меѓутоа ќе го искористам оној пример, онаа прва асоцијација кога ќе каже човек „Ние сме лудаци“ во Македонија, ретко на кого првата асоцијација му е „Алиса во земјата на чудата“, иако е тоа лектира, па сите сме ја прочитале, сепак изминатиот период имавме една друга лектира со која како јавност се занимававме почесто, тоа беа таканаречените бомби. И реченицата „Ние сме лудаци“ на поранешен министер за финансии, кој не е кандидат за пратеник, па можеме да го спомнеме тука, јас дури и на таа изјава гледам преку оваа призма, за којашто ви зборував. Значи кога човек ќе стане свесен дека троши за чоколадо, а нема ни за леб, со една нога е извлечен од лудилото, така што првата и основна работа за да престанеме да бидеме лудаци е да бидеме свесни дека живееме во лудило.

Ако ние сме лудаци сè додека не го изговориме тоа, колку граѓаните ја сносат најголемата одговорност за тоа што им се случува?

Граѓаните секогаш се одговорни за животот кој го имаат, затоа што особено во системи, во општества, каде сами си ја избираат власта, така што никој ниту како поединец, па дури ни како колектив, не може да избега од одговорноста која ја имаме. Притоа тука не мислам само на политика. Сега главна тема во државата, освен изборите, е загадувањето на воздухот. Сите сакаат да коментираат, да зборуваат на темата, меѓутоа имаме два недостатоци во таа дискусија. Прво никој не тргнува од себе, па да си го постави наутро прашањето - Што јас ќе направам денеска да имаме малку почист воздух. На пример нема да одам со автомобил, ќе горам дрва, нема да горам масло за автомобил и второ имаме општа дискусија на темата, немаме компетентна расправа. Зошто? Затоа што ние целосно се осипавме од луѓе кои се компетентни во своите области и сега на пример ако следите, тоа е една какафонија од различни мислења и ако сакате да се информирате малку попрецизно, не знаете кому да верувате. Од каде ни е сега ова енормно загадување, постоело ли претходно, а не сме биле свесни или тоа е некој нов момент во нашите животи, освен за последиците кога ќе сретнете некое конкретно стручно мислење од доктор, генерално дебатата се води паушално. Тоа е така во сите сегменти на општеството, значи од најбанални и неважни, до најважните прашања се води една некомпетентна дебата, е тука би ги врзал вашето прво и второ прашање, да мислам дека многу компетентни луѓе, учени, заминаа од државата и сме на некој начин инвалидизирани како општество со недостаток на умни луѓе кои разбираат разни работи.

Основач си и на Коза ностра. Реалноста во која живееме ви е испирација и за паравестите. Тешко ли е кај нас сепак да се направи дистинкција меѓу реалноста и фикцијата?

Тешко е, меѓутоа за тоа не е виновна сатирата, затоа што сатирата се бави со сатира, јас вината за тоа опасно приближување на реалноста и сатирата ја гледам во реалноста, така што мислам дека имаме проблем, реалноста ни стана сатира, а не сатирата реалност.

Целото интервју со новинарот и сатиричар Сашо Кокаланов може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG