Достапни линкови

Чичаковски – Не ги носиме законите, само ги спроведуваме


Чичаковски – Не ги носиме законите, само ги спроведуваме
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:16 0:00

Чичаковски – Не ги носиме законите, само ги спроведуваме

Собранието не смогна сили да направи баланс во изборните единици. Нееднаквоста во бројот на запишани избирачи по изборни единици може да го загрози еднаквото право на глас, но тоа треба да го оцени Уставниот суд. Ние ќе го спроведеме законот, вели претседателот на ДИК, Александар Чичаковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Чичаковски, подготвена ли е Комисијата која вие ја водите да организира фер и кредибилни избори?

ДИК во овој состав, од нашето именување до денеска, е фокусирана на градење на институционални капацитети за спроведување фер и демократски избори кои ќе бидат признаени од сите политички субјекти и потврдени од меѓународната заедница. Во моментов можам да потврдам дека ДИК и институционално и оперативно и со човечки ресурси е спремна да организира и спроведе фер и демократски избори.

Постоеја сомнежи дека се злоупотребуваат гласовите на иселениците во претходните изборни циклуси. Дали одвојување на 170 илјади гласачи на посебен список ќе го реши проблемот?

Со утврдување на овие 171 илјади лица за кои законодавецот и ние сметаме дека најверојатно се наоѓаат на привремена работа и престој во странство и со вградувањето за прв пат на фотографијата во избирачкиот список се намалува можноста за злоупотреба на нивното право на глас во Република Македонија. Тоа е уште еден механизам со кој се гради доверба во избирачкиот список за овие избори.

Господине Чичаковски во мај побаравте од тогашниот претседател на собранието измени на изборниот законик и балансирање на изборните единици со објаснување дека тоа е незаконски, па изборите во јуни се одложија. Ќе бидат ли сега законски и покрај тоа што во овој сегмент ништо не е сменето?

Надлежност на ДИК е кога ќе утврди дека бројот на запишани избирачи по изборни единици отстапува од законски утврдените маргини од плус минус пет отсто, да го информира Министерството за правда како надлежен ресорен орган и Собранието на Република Македонија кое е надлежно за донесување на измени и дополнувања на изборниот законик со кој ќе биде адресиран овој проблем. ДИК во неколку наврати, при редовното ажурирање на избирачкиот список и утврдување на овој проблем, соодветно го адресира кај овие два надлежни органи. Точно е дека Собранието на Република Македонија, пред распишување на изборите, не смогна сили да го адресира овој проблем и да направи баланс во изборните единици. Јас од тие причини, пред распишување на изборите, и самиот кажав дека нееднаквоста во бројот на запишани избирачи по изборни единици може да го загрози еднаквото право на глас. Во таа смисла беа поведени и неколку иницијативи пред Уставниот суд за да биде оценета уставноста на ова законско решение. ДИК во моментов е надлежна за целосно спроведување на законските одредби и ние сме фокусирани и доследно ќе ги испочитуваме законските одредби. На Уставниот суд е да оцени дали е загрозено еднаквото право на глас предвидено со Уставот на Република Македонија во однос на отстапувањето.

Целото интервју со претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG