Достапни линкови

Судиите конечно се охрабија


Врховен суд на Македонија
Врховен суд на Македонија

Последица од работењето на Кривичниот суд, кој применува двојни аршини и селективна правда под раководство на Панчевски се последните случувања во судството, велат упатените.

Последните случувања во Кривичниот суд се последица од состојбите во судството кое одамна го допре дното, но се покажува и дека некои судии повеќе не сакаат да бидат заложници, велат упатените. Петнаесет судии од Основниот суд Скопје 1 потпишаа петиција до Судскиот совет да преземе мерки против претседателот на судот Владимир Панчевски, бидејќи го злоупотребил судот. На тоа и претходеше кривичната пријава на судијата Иван Џолев против Панчевски за незаконско влијание за носење одлука врз судија и за поткуп. Претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова исто така упати критики кон Панчевски. Вчера вербално и физички била нападната портпаролката на Кривичниот суд од нејзин колега.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека сето ова е последица од работењето на Кривичниот суд, кој применува двојни аршини и селективна правда под раководство на претседателот Панчевски, чии афери во последно време се отвараат.

„Судиите повеќе не сакаат да бидат заложници на целокупната ситуација. Се охрабруваат да го покажат она што постојано го потенцираме дека еден судија мора да има изграден став и да има достоинство. Овие судии го покажаа тоа. Молчеа до сега што не е убаво, но добро е што во последно време се осоколија да укажат на сите проблеми кои ги имаат и да го кренат својот глас“.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу смета дека мора да се испитаат околностите и Судскиот совет треба да преземе конкретни мерки, бидејќи нарушените односи во судската власт директно се одразуваат врз функционалноста и остварувањето на надлежностите на судот.

„Кога се има предвид какви се предмети пред овој суд треба да се расветлат. Доволно е само да се споменат предметите кои произлегуваат од СЈО тоа укажува дека мерките се неминовни затоа што ваквите состојби апсулутно претставуваат сериозна пречка и правна и фактичка за да може судот благовремено да ги реши овие предмети“, вели Кадриу.

Но, Давидовиќ не очекува Судскиот совет да преземе нешто, бидејќи тој постојано застанува зад Панчевски.

„Судскиот совет буквално е гробар на ова судство. Значи, Судскиот совет го закопа судството со непреземање и несанкционирање на определени постапки и дејствија на челници на судството“.

Решението, според него, е генерален реизбор на судиите, како и посебно решение за надлежноста, поставеноста и изборот на Судскиот совет. Кадриу додава дека правната криза постои и ако не се најде решение тогаш не може да се очекува и земјата да излезе и од политичката криза.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG