Достапни линкови

Закана за кратење на европските пари


Европскиот ревизорски суд и препорача на ЕУ да ја намали или укине европската помош за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.

Немање капацитети на институциите, пробивање на рокови, доцнење во спроведувањето на проектите, несоодветен начин на организирање на јавните набавки се дел од главните забелешки за Македонија во последниот извештај на Европскиот ревизорски суд за начинот на трошење на европската помош. Препораката што овој суд ја упати до Европската унија за намалување или укинување на европската помош за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, е сериозно предупредување дека е крајно време да се промени односот кон европската претпристапна помош, велат упатените.

Малинка Ристова Јордановска од Институтот за европска политика посочува дека Македонија потфрлила во спроведувањето на реформите во јавната администрација и правото.

„За нас е многу очигледно. Треба да се видат целите коишто се поставени во програмските документи и извештаите на ЕК. Јасно се гледа дека тие цели, не само што не се постигнати, туку дека има назадување, особено во владеењето на правото и јавната администрација. Се гледа дека има некаков технички, формален напредок, меѓутоа ако крајниот заклучок во извештајот е дека институциите се под влијание на партијата, дека нема двоење меѓу нив, тогаш произлегува заклучокот дека резултатите од проектите се многу ограничени и проблематични“, вели Ристевска Јорданова.

Она што е најпроблематично всушност е тоа што покрај недостатокот на административниот капацитет, на неколку пати се споменува како причина недостатокот на политичката волја за реформи и токму тоа според Ристевска Јорданова е клучната порака за Македонија од овој извештај.

Од Секретаријатот за европски прашања велат дека внимателно ги анализираат наодите од извештајот. Вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми вели дека овој извештај дава реална слика на состојбите во регионот и Република Македонија.

„Би сакал да истакнам дека моментално не е најавена некаква санкција и дека не станува збор за некаква суспензија на средства доделени преку претпристапната помош за нашата земја. Свесни сме дека тие инструменти стојат во рацете на Европската комисија, и регулирано е во прописите и правилата на ЕК кога истите би биле употребени, а нам ни преостанува истите внимателно да ги следиме и почитуваме. Изнесените препораки се добро познати и веќе три години по ред се адресираат во Акцискиот план за децентрализирано менаџирање подготвен од Секретаријатот за европски прашања во соработка со Министерството за финансии и Делегацијата на Европска унија во Македонија, кој на редовна основа се разгледува на Влада на Република Македонија. Целта на овој акциски план е да се согледаат тесните грла, да се нотираат научените лекции, и да се предложат мерки за подобрување на изведбата во наредниот период“, се вели во одговорот на вицепремиерот Адеми за нашето радио.

За опозицијата, извештајот е сериозна шлаканица за земјава и надлежните. Лидија Димова од Социјал-демократскиот сојуз вели дека одговорните не знаат да ги читаат стратешките пораки од извештаите на ЕУ, што, пак, според неа, покажува низок капацитет за европски интеграции и лошо дијагностицирање на работите.

„Средствата се неискористени. Како неискористени средства, Македонија може да се пофали дека е една од ретките држави во историјата на пристапувањето во ЕУ што вратила неискористени средства назад во Брисел“, вели таа.

Според Димова, причината поради која ги враќаме парите е неподготвеноста на институциите кои треба да ги спроведуваат проектите за кои имаме одобрени средства.

„Ние имаме институции преполни со партиски војници чијшто капацитет е на многу базично ниво и тие не можат да го постигнат она што е неопходно да се постигне во претпристапната фаза, а камоли во фаза на членство“, вели Димова.

Иако се согласува дека сите критики за неискористување ги заслужува Владата, сепак Ристевска Јорданова смета дека одговорност за тоа носи и Европската комисија која има улога на партнер на нашата земја.

„Бидејќи се партнери, голема одговорност носи и ЕК, оти таа има огромен удел во програмирањето, програмските документи се со нејзино лого, нејзин документ, евалуациите, иако имаме децентрализиран систем, тие сепак имаат големи овластување со екс-анте евалуација, така што голема одговорност сноси и ЕК“, вели Ристевска Јорданова.

Во меѓувреме, Никола Бeртолини, шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ, посочи дека фондовите во земјава не се целосно апсорбирани, но истовремено изјави дека гледа посветеност за добро искористување на европските пари од, како што рече, сите вклучени страни во земјата. Мојата цел, вели тој, е да направам сè за да се искористи подобро европската помош, но притоа се надева дека зајакнувањето на дополнителни капацитети, а тоа да донесе резултати кои Унијата сака да ги види од нас.

„Имаме ситуација во која фондовите не се целосно апсорбирани. Во мојата сфера на активност ќе обезбедиме фондовите што се распределени тука да бидат целосно апсорбирани“, изјави Бертолини.

„Можам да кажам само дека социјалните фондови се нешто што мора да го спроведеме, така што работам со или без политичка поддршка. Се надевам дека политичката поддршка ќе пристигне и дека земјата ќе апсорбира повеќе фондови“, вели Бертолини.

Во извештајот на ревизорскиот суд се посочува дека има значителни недостатоци во националните влади, вклучително и кај македонската за спроведување на реформите во институциите. Се забележува дека малку се вложува во реформите во судството, слободата на медиумите и мерките за справување со корупција и организиран криминал. Клучна забелешка се реформите во судството. Во извештајот се препорачува Комисијата почесто да применува условеност која досега ја има применето во два случаја, за Босна и Херцеговина и за Република Македонија кадешто се намалиле средствата, каде алокацијата за првите три години е многу поголема во однос на другите три години. Тоа значи дека Комисијата го користи тоа средство, но сепак поради условите во кои е закочен нашиот процес и овие нејзини мерки не даваат големи резултати во поглед на поттикнување на македонската влада на исправен начин да ги користи средствата.

Во неодамнешното интервју за телевизијата Алсат-М, евроамбасадорот Самуел Жбогар порача дека македонските власти треба сериозно да ја сфатат препораката од Европскиот ревизорски суд и да спроведат ригорозни реформи.

Македонија е единствената во регионот која има децентрализиран систем на управување со европските пари. Тоа, според упатените, значи дека ние самите ги програмираме парите од Европската унија. За да се добие таа акредитација, Македонија со години вложуваше во создавањето на таа структура, која во моментот брои 340 луѓе. Но, искуството покажа дека голем дел од нив се несоодветни и немаат капацитет, укажува Димова. Во случај кога државата нема капацитет за тоа, тогаш Комисијата на ЕУ во земјава треба да работи со тие пари. Покрај децентрализираното управување, Македонија е доведена до ситуација некои други институции да работат на проектите за кои ЕУ дала пари.

„На пример, од петтата компонента кај земјоделците, 18 милиони се дадени кај Светска банка да ги работи за да не се изгубат парите. Од поплавите сега 10-те милиони доаѓаат од првата компонента и за да ги спаси ЕУ ги дала на УНДП да ги работи. И УНДП сега тие 10 милиони ги работи за да ги исчисти нашите канали. Значи навистина во тотално несоодветна состојба ја ставате државата и тоа за мене е поголем срам од што било друго“, вели Димова.

И граѓанскиот сектор во изминатите години често забележуваше на слаба искористеност на европските пари за стратешки долгорочни цели, но и можни злоупотреби на тие средства.

Сомневањата дека дел од средствата можат да бидат злоупотребени за други цели, Димова ги отфрла пред сè поради механизмите на контрола кои на Комисијата и стојат на располагање. Првото ниво е секторот за склучување договори во министерството за финансии, второто е Делегацијата на ЕУ во земјата, третото е Комисијата за буџет во Европскиот парламент, а последното Европскиот суд на ревизори.

Таа уверува дека европските пари не можат да се злоупотребат или украдат, пред сè поради ригорозната контрола од страна на европските структури.

„Парите не се испраќаат одеднаш туку во неколку фази, така што пред да добиете втора транша на средства, Комисијата од вас бара целосна документација за трошоците, квалитетот на сработеното. Тоа значи дека државата е гарант за парите, па така доколу некој ги злоупотребил парите од ИПА во текот на јавните набавки, државата е таа која ќе ги врати. Порано или подоцна, ЕУ има начин да открие евентуални злоупотреби и да ја казни државата со тоа што таа ќе го врати целиот износ“, децидна е Димова.

Сосема различен став за ова има Ристевска Јорданова, според која апсолутно се можни злоупотреби на европските пари.

„Можно е, се случува и во државите членки, има постапка за тоа. Секогаш ќе се случуваат измами, важно е да има систем за превенција и за казнување. Еве на пример кај нас сè уште не е обелоденет случајот Актор од 2014 година и сè уште нема резултати од истрагата. Да, измами ќе има, прашање е само дали ќе успееме да ги спречиме да бидат што помалку и дали ќе успееме да казниме“, изјави Ристевска Јорданова.

Јавноста се сеќава и на изјавата на белгискиот посредник за спроведување на договорот од Пржино, Питер Ванхауте, кој пролетта изјави дека 40 проценти од парите од ИПА фондовите се користеле незаконски и оти сведоци се подготвени да сведочат во Брисел. Од изјавата на белгискиот посредник вчера јавноста првпат слушна обвинување дека незаконски се трошат европските фондови. Претходно имаше укажувања за тоа дека постапките за избор на групи кои ги имплементираат тие проекти не се целосно транспарентни и дека постојат случаи кога се засновани на судир на интереси. Исто така имаше и забелешки како се трошат тие фондови.

„Се работи за многу голема корупција и можам да кажам дека дојавувачите на информации имаат волја да дојдат во Брисел и да сведочат за злоупотреба на европските фондови“, изјави тогаш Ванхауте.

По последниот извештај на европските ревизори, реални се стравувањата дека е можно целосно укинување на помошта за Македонија. Димова смета дека е важно да не се пробијат роковите за да се сработи одреден проект, а секако и да се видат конкретни резултати.

„Нас ни висат уште дополнителни стотина милиони евра од делот на прекугранична соработка за банална работа за кој има некаква контрола дали ДУИ или министерката или министерството. Јас како пратеник уште пред две недели пратив пратеничко прашање до министерство за локална самоуправа и до денеска не сум добила одговор што се случува со парите од ИПА 2 за прекугранична соработка, но се надевам дека нема да ги изгубиме тие пари“, вели Димова.

„Секогаш е можно, иако е малку веројатно, бидејќи кога ЕК ќе примени такво нешто, тоа е последниот адут, нема после што да примени. А, заканата најчесто повеќе успева како мерка отколку самото укинување. Тоа е буквално крајниот случај“, вели Ристевска Јорданова.

Од Секретаријатот за европски прашања истакнуваат дека Владата дава силни напори во процесот на спроведување на реформите и приближување на земјата кон Европска унија и воедно ги превзема сите мерки за максимално искористување на средствата кои ни се на располагање преку ИПА.

„Во оваа насока, во Секретаријатот за европски прашања на неделна основа со мое присуство и присуство на претставници од Делегацијата на Европска унија во Македонија, како и претставници од релевантните институции во државата, се одржуваат состаноци и тоа со цел навремено да се интервенира и да се превземат неопходните чекори за надминување на предизвиците со кои се соочуваме и да се избегне губењето на средствата“, вели вицепремиерот Адеми и додава:

„Јасно е дека помошта која што нашата земја ја добива од Европска унија е од големо значење за спроведување на реформите и за приближување на Република Македонија кон ЕУ. Членството во Унијата за нас претставува единствена алтернатива што ни гарантира сигурна и безбедна иднина за граѓаните, квалитетно образование за нашите деца, економски развој, владеење на правото и почитување на фундаменталните права, слобода на изразување, слободна трговија и тн. кои се главни начела на Унијата. Затоа, потребно е да се тргнат на страна дневни политички цели од кои државата нема корист и преку итно разрешување на политичката ситуација да се врати фокусот на евроатлантските интеграции на земјата. За други алтернативи не сакам и не можам да размислувам“, вели Адеми.

Во јули годинава Брисел прво донесе одлука за стопирање на 27,1 милиони евра од ИПА2 фондовите кои требаше да и бидат на располагање на Македонија. Европската комисија одлучи да ги суспендира пред да и бидат доделени на Македонија, оти земјава не ги спровела потребните реформи за што Брисел постојано укажувал изминатите години.

Истиот месец, ЕК донесе нова одлука за кратење на дополнителни 69 милиони евра од ИПА фондовите наменети за Коридорот 8. Со овие потези меѓународната заедница прати јасен сигнал до македонската власт дека нема политичка волја за спроведување на потребните реформи. Од Брисел тогаш посочија дека не ја исклучуваат можноста за одземање на надлежностите на земјава да менаџира со ИПА фондовите, што практично значи дека лично Европската унија ќе одлучува за кои проекти ќе бидат потрошени европските пари.

За периодот од 2014-2020 година, Брисел за Македонија предвиде 664 милиони евра за повеќе сектори помеѓу кои се јавната администрација, транспортот, борбата против корупцијата, владеењето на правото или фундаменталните права. За 2007-2013 година за Македонија имаше предвидено 615 милиони евра, но овие пари не се употребени како што било планирано.

Мали ефекти од ЕУ помошта за Балканот

Европскиот ревизорски суд деновиве излезе со извештај за ефикасноста на средствата што Европската унија ги има потрошено за приближување на земјите од Западен Балкан и Турција. Акцент е ставен врз антикорупциските напори на Унијата во овие земји. Според Транспаренси интернешнал, извештајот е силен аларм за будење.

Гоце Атанасов

Површното гребење на бирократската љубезност е со јасна порака, оценуваат во Транспаренси интернешнал, наведувајќи: Милијардите евра потрошени од ЕК во борбата против корупцијата во регионот не ги донесоа посакуваните резултати и биле погрешно искористени. Извештајот се фокусира врз „Инструментот за претпристапна помош“, односно врз единаесетте ипол милијарди долари што беа потрошени за Западен Балкан и Турција од 2007 до 2013 година, од соларни стартап проекти до промовирање на поголем број жени во парламентите.

Само мало парче, околу 485 милиони евра биле потрошени на она што ЕК го нарекува проекти за „владеење на правото“. Многу малку пари се потрошени на борбата против корупцијата и организираниот криминал, или само 2 отсто од целиот буџет. Дали оваа релативно мала сума ја изврши задачата? Не би се рекло, со оглед на тоа дека регионот има слаби оценки во борбата против корупцијата. Ниту една земја не е над 60 место во Индексот на корупција на Транспаренси интернешнал. Во сите земји над 50 место постојат сериозни проблеми. Албанија и Косово се на 88, односно на 103 местото, додека Македонија е во неприлики откако беа објавени снимени разговори што индицираат организиран криминал. Соочени со големиот предизвик од ова рангирање и малите средства, прашањето е дали ЕК добива доволно за она што го дава. Според Судот, никако. Еве и зошто, цитирам:

„Слободни медиуми и силно граѓанско општество се клучни услови за зголемување на будноста на јавноста во врска со корупцијата и организираниот криминал. Тие ги охрабруваат антикорупциските агенции и јавното обвинителство да дејствуваат. Ова, за возврат директно придонесува за ефикасноста на истрагите и за конечните пресуди во корупциските случаи на високо ниво. Како и да е, Комисијата дала релативно малку пари за слобода на медиумите и граѓанското општество во Западен Балкан, само 0,5 насто. Дури и проектите за подобрување на антикорупциските институции во Албанија и Македонија на пример, беа компромитирани од политичко мешање и недостиг на независност“, наведува Судот. Транспаренси интернешнал вели дека е добро што Европската унија конечно го прифатила нејзиното мислење дека она што носи резултати во борбата против корупцијата е зацврстување на граѓанското општество и независните медиуми. Без тоа, сите институционални и правни реформи, барани од ЕУ, се само сенка затворена во кутија. Но, како што смета Транспаренси интернешнал, разочарувачки е тоа што ЕК, која го држи портмонето, и натаму останува неуверлива. Во пишаниот одговор до Европскиот ревизорски суд Комисијата вели дека сегашното ниво на финансирање на граѓанското општество е соодветно со оглед на ограничувањата од постојните капацитети за прием на нови членки. Овие сектори бараат пред се експертски совети, а не големи инвестиции. Аргументот по се изгледа е дека граѓанското општество е слабо во овие земји и затоа ние нема да инвестираме во него. Ќе продолжиме да ги удираме нашите глави в ѕид, игнорирајќи ги можностите за промени во борбата против корупцијата. Дали ова е она што го вети Европската комисија предводена од Жан Клод Јункер, односно дека ќе биде водена од резултатите?“, се прашува Транспаренси интернешнал.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG