Достапни линкови

Заев - Влегуваме во широк опозициски фронт со левицата и центарот


Заев вечерва најави дека десните партии ќе оделе во посебен опозициски блок, а тие заедно со левите и од центарот ќе влегле во сојуз со интелектуалци и индивидуалци. На 20 конгрес на СДСМ присуствуваше и поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вечерва, по завршување на работниот дел на партискиот конгрес, најави широк опозициски фронт на СДСМ со партиите од левицата и центарот за престојните изборидоговорени за 11 декември.

„Се прават напори десните партии и партиите со десна провиненција и профилација да одат со посебен опозиционен блок, а ние вечерва донесовме заклучок, со којшто СДСМ, сите партии од левицата и центарот ќе влезат во широк фронт во сојуз со индивидуалци, со интелектуалци, со поединци, со граѓани на оваа наша Македонија. И заедно сите предводени од оние за којшто постоиме како политички субјекти, граѓаните”, рече Заев.

Тој додаде дека последните три месеци правеле секаков вид на анализи и студии и на крајот сите политички партии којшто биле зад граѓаните, одлучиле да продолжат зад граѓаните.

„Да ги почитуваме нашите разлики, но да се обединиме, бидејќи секој глас е важен“, нагласи Заев.

Во работниот дел на овој 20 конгрес кој се одржа денеска во Скопје биле усвоени два заклучоци од „Планот за Македонија” кој го промовираа.

Едниот, како што рече, е планот 180 за сè што новата Влада ќе спроведе во првите 180 дена или шест месеци, а вториот е планот 24 за итните реформи во периодот од 24 месеци, или две години.

Претходно, во отворениот дел од конгресот, претседателот на партијата рече дека во првите шест месеци од новата влада ќе ја зголемеле просечната плата од 9.000 на 12.000 денари, а на крајот намандатот таа ќе стигнела до 16 000 денари. Заев промовираше мерки за речиси сите категории граѓани.

Генералниот секретар на партијата Оливер Спасовски напомена дека промените што ги барале граѓаните не можела да ги испорача оваа влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ, која како што рече, е синоним за силеџиство, гушење на демократијата и медиумските слободи, за тефтер судии, послушни и невидливи обвинители, за затворање на критичките новинари, за масовно и нелегално прислушување, монтирани процеси, неправда и грабеж позната како Скопје 2014.

Поранешниот известувач за Македонија, пратеникот во Европскиот парламент, Ричард Ховит, кој присуствува на конгресот како претставник на сестринска партија, апелираше до сите партии да се држат до договореното од Пржино за да се истражат индициите за злоупотреби бидејќи како што вели, Европа сака да биде партнер на земја која ги споделува заедничките вредности.

На конгресот како странски гости од сестрински партии присуствуваат и пратеникот од Кралството Шведска, Кен Хорстет и заменик генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти, Џакомо Филибек.

Од вкупно 728 делегати на конгресот беа присутни 539 или 74 отсто. На конгресот беше и поранешниот претседател на партијата и поранешен шеф на државата Бранко Црвенковски. Тој во салата влезе заедно со актуелниот партиски претседател Заев, а присутните ги поздравија со аплауз.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG