Достапни линкови

logo-print

Шарената револуција за денеска најави нови протести за поддршка на СЈО. Аналитичарите очекуваат, во предизборниот период повторно да почнат да се организираат и контрапротестите.

Шарената револуција се најави во петокот за одбрана на СЈО, ГДОМ се појави во неделата за да го напаѓа обвинителството. По летната пауза и на антивладините активисти и на провладиното движење, двете периодов почнаа со активности.

Шарената револуција повика на собир за поддршка на Специјалното јавно обвинителство, нагласувајќи дека Уставниот суд сè уште нема закажано седница на која ќе се разгледува Иницијативата за неговата уставност.

„Периодов во Собранието и по медиумите под контрола на обвинетиот Груевски можеме да забележиме вистински линч и пропаганда против Катица Јанева и целото СЈО“, наведуваат од Шарената револуција.

Од таму додаваат дека на обвинителството повторно му е потребна помош, бидејќи не смеело да се дозволи режимот да помисли дека оваа институција барем за момент е без силната, здружена и одлучна поддршка на граѓаните.

Оваа битка ќе биде многу жестока и сурова, но да не упаднеме во однапред подготвено сценарио, според кое ќе настане вистински, дури и физички судир помеѓу Македонците, истакна Братислав Димитров од ГДОМ на трибината одржана два дена по најавата на Шарената револуција.

Ако граѓанското општество почне со поголеми активности во периодот до изборите и контрапротестите повторно ќе се активираат, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија.

„На двете страни им оди во корист да бидат јавно видливи и самиот момент на контрапротест успева да дефокусира и да релативизира од она што е суштинската порака на изворниот протест“, вели Трошановски.

Сепак, освен ваквите реакции, не се очекуваат поголеми промени што би довеле до одложување на изборите. Политичка бомба и вовед во дестабилизација и одложување би можела да биде единствено одлуката на Уставниот суд за укинување на СЈО, смета Трошановски.

Со слично мислење за причината за одложувањето на изборите е и аналитичарот Алберт Муслиу. И тој смета дека периодов можни се протести и контрапротести, но не верува дека се можни посериозни сценарија и судири.

„Ова е правна држава, секој што ќе го наруши јавниот ред и мир или ќе генерира инциденти за тоа и ќе си одговара. Шарената револуција го даде своето во тој дел - имавме луѓе осудени со парични казни или условно. Верувам дека овој пат никој нема да биде амнестиран и од другата страна ако некој иницира или генерира инциденти. Не верувам дека тие инциденти може да бидат од поголем обем“, вели Муслиу.

Додека Шарената револуција последните активности ги имаше во почетокот на летово, ГДОМ ги активираше трибините кон средината на месецов против како што тврдат идејата на Заев за двојазичност. На последната трибина сепак меѓу главните теми им беше обвинителката Јанева, порачувајќи дека таа и СДСМ секоја институција врз која стоел грбот на овој народ ја прогласувале за нелегална.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG