Достапни линкови

Новинари на протест за пуштање на Зоран Божиновски од притвор


Новинари бараат ослободување од притвор на Зоран Божиновски
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Новинари бараат ослободување од притвор на Зоран Божиновски

Македонија, по Турција, е втората земја во Европа каде што има затворени новинари, велат во ЗНМ, кои денеска организираа протест за пуштање на новинарот Зоран Божиновски од притвор.

Со мирен протест пред Основниот суд Скопје 1, Здружението на новинари побара новинарот Зоран Божиновски да биде пуштен од притвор и да се брани од слобода. Од ова здружение велат дека Македонија е втора земја во Европа каде што има новинар во затвор, по Турција, но потенцираат дека протестот нема за цел да врши притисок врз судот и судските пресуди, туку да се крене гласот против неправдата.

„Во земја каде новинари се затвораат, таму е заробена и слободата на говорот и слободата на медиумите. Таквите судски постапки имаат за цел да ги казнуваат непослушните новинари и да ги дисциплинираат и застрашуваат останатите“, изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Од ЗНМ потсетуваат дека Божиновски уште неосуден веќе помина скоро две години во затвор, од кои 18 месеци во екстрадиционен притвор во Србија и уште четири месеци во Македонија.

„Инсистираме случајот на Божиновски да биде предаден на Специјалното јавно обвинителство затоа што нивната надлежност над овој предмет е неспорна. Секое одбивање на обвинителството да се предаде случајот, ќе значи оневозможување на правдата и зголемувањето на сомнежот во јавноста дека некој сака по секоја цена да осуди новинар со затвор во знак на одмазда заради објавување на злоупотреби на власта“, изјави Селмани.

Денешното судење на новинарот Зоран Божиновски беше одложено за 27 септември. Божиновски не присуствуваше на денешното рочиште, зашто Судот ја повлече наредбата за негово донесување, бидејќи не им биле доставени сите доказни материјали поврзани со случајот, а кои претходно ги побарале од Апелација.

По неколку одложувања на јавните седници за случајот Шпион, денеска во Апелациониот суд, Специјалното јавно обвинителство се произнесува во однос на жалбите на обвинетите на првостепената пресуда на Кривичниот суд.

Инаку во случајот Шпион на 18 обвинети им се суди за злосторничко здружување, шпионажа и уцена. Опфатени се поранешни и сегашни разузнавачи од цивилното и военото разузнавање, екс полициски службеници, екс директорот на Управата за борба против перење пари, поранешен висок функционер на Управата за контраразузнавање. Осудените се товарат дека се занимавале со шпионажа, но со уцена на влијателни личности во Македонија од кои барале пари за да не им објават детали во јавност од нивните приватни животи.

Меѓу сите нив е и новинарот Божиновски кој се товари за три дела, но неговата постапка беше во прекин, затоа што српските власти кои го уапсија во 2013 година, не и го испорачуваа на Македонија сè до април годинава, кога за само еден ден беше екстрадиран.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG