Достапни линкови

Поплава - стигнува ли вистината до граѓаните?


Не е лесно да се затскрие реалната ситуација на терен со оглед на присуството на многу граѓани и на невладини организации во поплавените региони, како и поради информациите на дигиталните медиуми, и покрај тоа што власта сака да покаже дека одлично се справува со штетите од невремето.

Големото присуство на политичарите на местата што беа зафатени од поплавата во Скопје и кампањата што ја водат дел од медиумите не дава вистинска слика за тоа колку се работи реално на терен за санирање на состојбите, велат граѓаните. Некои од нив сметаат дека последиците од невремето кое однесе човечки жртви нема да беа толку големи да немаше пропусти во системот, меѓу кои нефункционалност на институциите и негрижа. Тие сметаат дека по минатогодишното невреме во тетовско и искуствата од изминатите години со дождови и справувања со поплави, системот за превенција треба да биде многу поподготвен.

„За поплавите секој треба да го понесе својот дел од одговорноста. Значи, локалната самоуправа, но и спремност бргу да се помогне. Затоа што армијата прва би требало да биде со градежна механизација. Да се организира државата, а очигледно ова премногу трае.“

„Мислам дека има малку повеќе политика. Повеќе треба на терен да се работи. Премногу гледаат да се експонираат, а позади камера што се случува. Јас само еден ден бев таму и таму е катастрофа. Колку може да се помогне на луѓето, па после ќе видиме“, велат анкетираните граѓани во центарот на Скопје.

Комуниколозите велат дека политичката одговорност треба да произлезе откако ќе се утврдат причините поради кои се случи катастрофата, но исто така потсетуваат дека политичарите треба да понесат и морална одговорност. Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека ако се утврди дека постојат други причини кои довеле до толку многу жртви како несоодветна инфраструктура, отсуство на канали за атмосферско одлевање на вода, сеча на шуми, тогаш тие што дозволиле да се случат пропусти треба да понесат одговорност.

„Доколку тоа единствено се сведе на природна непогода, се разбира политичката и правната одговорност не може да се бара, но затоа па тука следува морална одговорност која е пракса во развиените демократии каде што и покрај сè носителот на одговорната раководна функција во соодветната институција се повлекува по таква стихија од катастрофални размери која одземала човечки жртви“, вели тој.

Трошановски вели дека катастрофа од вакви размери може да чини политички кариери на многу луѓе, но оти може и да зацврсти нечија политичка популарност. Затоа вакви ситуации се проследени со пропаганда и политичарите се обидуваат да профитираат, вели тој. Трошановски меѓутоа укажува дека не е лесно да се затскрие реалната ситуација на терен со оглед на присуството на многу граѓани и на невладини организации во поплавените региони, како и поради постоењето на социјални мрежи кои секојдневно информираат за ситуацијата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG