Достапни линкови

logo-print

Добра основа за избори, се очекуваат и опструкции


Договорот меѓу четирите партии е добра основа за избори во декември, но имајќи го предвид претходното искуство, може да се очекуваат нови опструкции на договореното, велат дел од аналитичарите.

Техничката Влада која ќе треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 11 декември по договорот на четирите политички партии потписнички на пржинскиот договор треба да биде утре изгласана во Парламентот. Собранието согласно Уставот ќе се распушти 60 дена пред изборите, а изборната кампања ќе започне на 20 ноември. Во техничката Влада која ќе ја предводи премиерот Емил Димитриев треба да влезат и министри и заменици министри од СДСМ чиј избор ќе биде потврден на денешниот состанок на Централниот одбор на партијата. Се очекува во нејзиниот состав да бидат истите имиња како и во минатата техничка влада, односно министер за внатрешни ќе биде Оливер Спасовски, за труд и социјала Фросина Ременски, а заменик министер за финансии Кире Наумов, за земјоделие Љупчо Николовски и за администрација Александар Кирацовски.

Професор Никола Дујовски смета дека договорот е добра основа за изборите во декември. Но, имајќи го предвид однесувањето на партиите во изминатиот период, тој очекува уште позасилени опструкции и договорот често да биде напаѓан.

„Но, сепак на крајот мислам дека ќе резултира со избори на 11 декември. Има многу можности како да се опструира договореното. Прво преку СЈО, потоа преку ад хок телото за медиумите и на крајот ДИК. Ќе видиме допрва како ќе биде заклучен избирачкиот список. Како и да е, очекувам дека овој договор од вчера ќе нè одведе на избори во декември“, вели Дујовски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев им порача на ВМРО-ДПМНЕ да не се дрзнат да го прекршат договорот и да не ја опструираат работата на СЈО. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, пак, рече дека го зема потписот на СДСМ со резерва поради претходното одлагање на изборите, но, како што рече, сите барања сега им се исполнети. Американскиот амбасадор Џес Бејли истакна дека договорот е важен чекор во решавањето на политичката криза во земјата. Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, заедно со еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан го поздравија договорот и ги повикаа партиите да ја почитуваат веродостојноста на изборниот процес, за да им се овозможи на сите граѓани слободен избор.

На вчерашната лидерска средба беше договорено новинарката Санта Аргирова да биде уредник на информативната редакција на МТВ, која на функцијата ќе стапи утре. Дописникот на МРТВ од Гостивар, Љуљзим Хазири, беше избран за петти член на ад хок комисијата за следење на медиумите. Останува останатите членови на медиумското тело да ја прифатат неговата номинација. Партиите ја повикаа и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да ја врати методологијата од јануари годинава и да интервенира со цел од утре да се применуваат одредбите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG