Достапни линкови

Се очекува лидерската средба да резултира со договор за спроведување на вонредните парламентарни избори на 11 декември, откако од СДСМ соопшти дека се согласуваат нивното одржување да биде на овој датум.

Започна средбата на лидерите на четирите политички партии, кои се потписници на Договорот од Пржино, на која треба да констатираат дали се исполнети условите за одржување на фер и кредибилни избори. Последен во Клубот на пратеници пристигна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој доцнеше 40 минути и влезе од задниот влез на Клубот, за разлика од другите лидери. Претходно пристигнаа и лидерите на СДСМ, ДУИ и на ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Се очекува лидерската средба да резултира со договор за спроведување на вонредните парламентарни избори на 11 декември, откако СДСМ соопшти дека се согласуваат нивното одржување да биде на овој датум.

Како посредници во постигнувањето на пржинскиот договор на денешната средба присуствуваат и претставници на меѓународната заедница, односно американскиот амбасадор Џес Бејли и висок претставник од делегацијата на ЕУ, бидејќи наследникот на амбасадорот Аиво Орав, Самуел Жбогар, сè уште не е дојден во земјава.

Согласно договорот од Пржино, условите за поставување датум за изборите беа прочистување на избирачкиот список и регулација на медиумите.

Вчера истече рокот за дополнителна проверка на спорните гласачи кои имаа можност до 19 август сами да се пријават во ДИК. Минатата недела ДИК го усвои и Извештајот за пријавените гласачи со спорни записи. Согласно извештајот, пријава до ДИК не поднеле вкупно 30.467 лица. Лицата кои не се пријавиле во законскиот рок ќе имаат дополнителна можност да се пријават во комисијата во текот на јавниот увид пред предвремените избори за пратеници во Собранието.

Во однос на регулацијата на медиумите, пробиен е рокот за избор на петтиот член на ад хок телото за следење на медиумите. Четирите членови на телото, од кои двајца предложени од СДСМ и двајца од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната средба не успеаја да постигнат консензус за петтиот член. Опозицијата треба да номинира и уредник на МРТВ кој ќе стапи на функцијата 100 дена пред избори доколку лидерите се согласат дека има услови за избори во декември.

Сто дена пред изборите, Парламентот треба да ја изгласа и новата техничка Влада. Доколку партиите донесат одлука изборите да се одржат на 11 декември, новата техничка Влада би требало да биде изгласана за неколку дена. Преодната влада би требало да биде во ист формат како и претходно, односно опозицијата да има министри во МВР и во труд и социјална политика, како и заменици министри во финансии, земјоделство и јавна администрација.

Претходно партиите не постигнаа согласност за спроведувањето на изборите на 24 април, кога првично и беа закажани, а потоа и на 5 јуни.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG