Достапни линкови

Удавена Македонија


Демијан Хаџи-Ангелковски, студент, член на Студентски пленум.

Демијан Хаџи-Ангелковски, студент, член на Студентски пленум.

Ова е трагедија каква што ни античките Грци не би можеле да напишат, или пак комедија за која ниту на легендарните Монти Пајтон не би им текнало да изведат. Каде и да се свртиш глупост - до глупост, пишува Демијан Хаџи-Ангелковски, студент, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Повеќето ќе се согласите дека живееме во држава која веќе одамна е пукната и веќе е во процес на целосно и систематско уништување. Една од најдобрите реченици кои ги прочитав изминативе две недели, вели вака: „Дојде поплавата и ни ги покажа на површина сите фекалии кои ги криевме“.

Богами, многу фекалии имаше на површина. Клиентелизмонт на владејачката партија си го донесе со себе целиот товар на неспособни луѓе на раководни позиции. Како необучени капетани на бродови затекнати во силно невреме, се молат нивниот екипаж дека ќе ги спаси од носење на погрешни одлуки. Екипажот, пак, не може да носи одлуки, научен е да биде послушен.

Вака некако изгледаше целата акција за спасување на настраданите од поплавите во скопско, ова лето. Боговите ли беа, ХААРП-от ли беше или само глобално затоплување, никој не знае каде да ја бара вината. Јас, пак, велам, не е проблем невремето, проблемот е тоа што не сме се подготвиле, дека вакво невреме можеби би можело да се спречи.

Дебела и целосна системска грешка е тоа што се гледа на терен. Канали кои не се доволно големи, ниту пак чисти за да можат да поднесат толкава количина на вода. Кој кај стигнал изградил куќа, со земјено патче, сега целосно уништено. Асфалтот на обиколницата ни од прилика не е достоен за модерен автопат, сега целосно распаднат. Помошта доцни или воопшто ја нема, додека лицата на владата доаѓаат и си се сликаат, притоа блокирајќи ги сите преостанати патишта што се користат за носење на помош.

Ова е трагедија каква што ни античките грци не би можеле да напишат, или пак комедија за која ниту на легендарните Монти Пајтон не би им текнало да изведат. Каде и да се завртиш глупост, до глупост. Некоординација на субјектите на терен до степ, една иста улица да се чисти четири пати во четири дена од шут. Таман ќе ја зачистат, ќе дојде друга фирма и на неа ќе истовари тон ипол шут. За некој што гледа од страна ова е сатира до махерски степен.

Од друга страна, ги имате неколкуте партиски пулени од владејачката, кои одеа по едно маало и делеа чоколади на луѓе кои немаа леб за јадење. Уште еден доказ дека „бомбите“ се точни и ги слушале. Страшното е што буквално го имаат сфатено шефот Ставрески: „Немаме за леб, а трошиме на чоколади“.

Многу лесно можеше оваа трагедија да се заврши. Доволно ќе беше фекалиите да си ги испумпуваме и чистиме повремено, а не да ги оставаме да закорават. Дури и вистинскиот Дизниленд има моќна канализациска мрежа. Штета Скопје никогаш нема да може да биде Дизниленд.

Евакуација нема, болни од стомачни вируси колку сакаш, штета неизмерна, војска едвај функционална и волонтери со срца како планини. Ова е сè што треба да знаете за ситуацијата на терен.

Огромна благодарност до сите безимени херои на оваа хуманитарна акција за спасување. Вие ќе ја носите гордоста и знаењето дека сте спасиле стотици, можеби дури и илјадници животи. Никој нема да пее песни за вас, никој нема да ви каже „благодарам“, ниту ќе ве плати за трудот, работата и непроспиените ноќи. Ова што го направивте вие е епопеја на човековата убавина и способност да се подаде рака и да се помогне на оној го посегнува по помош. Не ве има многу, но морате да бидете инспирација за другите. Водете преку пример. Бидете пример.

Нашето удавено општество моли за „лекари“ какви што сте вие, кои ќе го оживеете и ќе го вратите во живот. Нека ви е на чест!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG