Достапни линкови

Министерство за Вмровски Работи


Демијан Хаџи Ангелковски, студент, член на Студентски пленум.

Демијан Хаџи Ангелковски, студент, член на Студентски пленум.

Како треба јас да се чувствувам безбедно во држава во која полицијата е тука само за да се реши од мене, бидејќи сум гласен и против структурата која ја контролира истата полиција. Како треба јас да и верувам на мојата полиција?, пишива Демијан Хаџи Ангелковски, студент, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

„Се обврзувам дека во својата работа ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Македонија…“ - вака започнува заклетвата која секое лице вработено во Министерството за внатрешни работи мора да ја положи пред да започне со работа. Честопати сум го поставил прашањето за кој точно Устав станува збор? Бидејќи како стојат работите, сега за сега, Уставот на РМ за кој јас знам, не е одбранет. Напротив, истиот е под тотално и темелно ништење и прекршување. Разбирам дека е наредба, но каде е човечноста?

Пред неколку недели на другар му беше украден лаптопот од еден од скопските факултети. Како примерен граѓанин веднаш пријави во најблиската подрачна единица на МВР. Бил пречекан со „Чекај малку, не е инспекторот тука“, „ќе видиме после“ и „тешко се наоѓа тоа“. После неколку часа, лаптопот беше уклучен од крадецот и беше споделена локацијата каде точно се наоѓа. Другарот им ја дал локацијата на полицијата и очекувал веднаш да изреагираат. Напротив, му било кажано сам да оди. Вака работи полицијата за обичниот граѓанин.

Кога беа украдени гласачките кутии од страна на Студентскиот парламент и кога ние, слободоумните, студентите пријавивме во полиција, првично не сакаа да дојдат, па после убедувања со диспечерката, дојдоа две униформирани лица кои се прогласија за ненадлежни. „Не смееме ние да се мешаме во универзитетски работи“ - беше одговорот. Нецели четири часа подоцна Единицата за брзо распоредување со 10 дефендери и хермелин можеа и се смешаа во универзитетските работи.

Повикуваш полиција да те заштити, доаѓа и те тепа и те исфрла на клоци.

Треба ли повеќе примери да давам? Зарем има човек во државава кого МВР го има заштитено? Па да, има - членовите на владејачката партија. Можеби наговестувате што ќе напишам следно… Селективна правда!

Да бидат работите уште полоши, следете што се случува последниве недела дена. Во очи на новиот Пржински договор и претпоставувам тоа што значи наговестување дека МВР повторно ќе биде во рацете на опозицијата, но овој пат без врзан потпис, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ги менува сите закони за МВР. Тие систематски ја одземаат моќта на Министерот за внатрешни работи и ја делегираат на Владата или други сектори, како на пример Бирото за јавна безбедност.

Да не се разбереме погрешно, оваа колумна не ја пишувам во форма на експерт или пак студент или нешто слично. Не, оваа колумна ја пишувам како информиран граѓанин на Република Македонија. Како треба јас да се чувствувам безбедно во држава во која полицијата е тука само за да се реши од мене, бидејќи сум гласен и против структурата која ја контролира истава полиција. Како треба јас да и верувам на мојата полиција?

Честопати, припадниците на МВР ќе одговорат со „Ама што да правиме? Наредба од горе е…“. Што да правите? Почнете од заклетвата што ја имате положено. Ќе го штитите Уставот и законите на Републиката. Ќе ги штитите граѓаните на Републиката, а не тие криминалците кои ви ги даваат наредбите!

Ако продолжите уште малку по овој терк, на крајот ќе завршите како војниците кои ја спроведуваа идејата на Хитлер за холокаустот. Ќе стоите пред лутите граѓани на Македонија, без вашите командири, без наредби, со солзи во очите ќе барате прошка и ќе повторувате дека било само наредба. Граѓаните на Македонија ќе ви простат, бидејќи ние сме човечни и хумани. Дали вие ќе можете самите на себе да си простите?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG