Достапни линкови

logo-print

Поплавите ја исфрлија на површина долгогодишната негрижа


Запуштени одводни канали, запуштена атмосферска канализација, неподготвеност за заштита од порои. Не може да се занемари дека се работеше за страшно невреме, но и човечкиот фактор придонел за големата штета.

Дел од експертите велат дека во наредните денови ќе се анализираат причините за толку големиот број жртви од невремето во Скопје, а некои веќе излегуваат со првични оценки дека виновник за поплавите е негрижата и неподготвеноста за заштита од порој. Даница Павловска, архитект-планер, изјави дека не може да се занемари дека се работеше за страшно невреме, но дека и човечкиот фактор допринел за големата штета. Во прашање се запуштени приградски канали, запуштена мрежа на атмосферската канализација и неподготвеност за заштита од порои, вели таа.

„Со сета таа количина на вода којашто одеднаш како природна непогода се случи над еден сегмент од Скопје, се покажа дека неговата инфраструктурна опременост е срамно бедна и запуштена. Инфраструктурните системи во Скопје и неговото опкружување не се соодветни, не се одржуваат во последниот период онака како што би требало и за што не треба многу знаење, туку треба само издвојување на соодветни средства и реализација низ програма“, вели таа.

Големи забелешки беа упатени и на сметка на Управата за хидро-метеоролошки работа која не даде предвремено предупредување за приближувањето на големото невреме. Од таму се правдаа дека издале прогноза, а целата ситуација била нетипична, бидејќи се работело за феномен. Хидрологот Јосиф Милевски вели дека невремето не можело да се предвиди однапред зашто станува збор за мали циклони кои не може да се следат.

„Такви случаи се случуваат на микро-локации. Не може да се предвидат однапред, зашто се мали, не се големи циклони кои се гледаат и кои може да се следат. Не може однапред да извести, затоа што тоа струење не е од една страна. Доаѓа од кај Матка, доаѓа од кај Косово кај Лепенец, доаѓа од кај Скопска Црна Гора. И тој судир на струења не може да се предвиди. Подолги бранови како што беше во 2013 во Струмица, тоа можевме, го видовме и предвидовме такво нешто. А, сега вака не, тешко“, вели тој.

Во врска со реакциите на институциите на критичните места како Стајковци, Ченто, близу скопската обиколница каде имаше заглавени и оштетени возила, целосно уништен род, наноси земја и свлечишта по патиштата, Милевски вели дека немаме системи кои може да реагираат на вакви појави и оти тоа е тешко. Но, тој потсетува дека Македонија во последните 15 години страда од долготрајни и краткотрајни поплави и оти одамна требало да се донесе стратегија за поплави за да може да се ублажат штетите. Одводните канали треба постојано да бидат чисти, но и да се внимава на сечата на шумите, вели Милевски.

Павловска укажува дека недостасува стратешки план за заштита од порои и оти градот мора да презема заштита од тој аспект. Тоа се стратешки планови кои ги прават стручњаци кои се занимаваат со тоа, вели таа.

„Едно е заштита од поплави од реката Вардар, а друго е заштита од порои. Тоа е посебен сегмент во науката, а и како посебна обврска на градот“, вели таа.

Професори од Шумарскиот факултет во Скопје најавуваат дека во наредниот период ќе ги посетат критичните места по што ќе излезат со анализа за причините за трагичниот биланс и големите материјални штети од невремето што минатиот петок го погоди главниот град.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG