Достапни линкови

Без договор на партиските разговори за излез од кризата


Разговорите меѓу претставниците на четирите политички партии потписници на Договорот од Пржино за отворените прашања што го попречуваат решавањето на политичката криза и синоќа завршија без договор. Американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли по завршувањето на средбата изрази надеж дека тоа може да се случи наскоро. Тој најави дека разговорите ќе продолжат и денеска. „Не можам да потврдам дека имаме договор. Она што можам да го кажам е дека на маса има нова интересна идеја. Како што кажав и во петокот овој договор е многу важен за земјата, важен е за Европската унија и САД. Партиите ќе ја разгледаат можноста и ќе продолжиме“, рече Бејли. Претставниците на политичките партии кои учествуваат на преговорите, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шеќеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА, не дадоа изјава за медиумите. Поради отсуството од земјата на амбасадорот на ЕУ Аиво Орав, кој е на консултации во Брисел, средбата на преставниците на политичките партии се одржуваше во резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје.

XS
SM
MD
LG