Достапни линкови

Хајндл и Нуланд – главна тема во дневниот печат


Посетата на германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл и очекуваната посета на американската дипломатка Викторија Нуланд се главни теми за анализа во дневните весници.

„Хајндл и Нуланд во (не)возможна мисија“, „Хајндл: Немате време за губење“ - ова се насловите во Утрински каде што читаме и дека меѓународните претставници ќе го поттурнеле создавањето на специјален суд и продолжувањето на мандатот на СЈО за уште три години. И дека со таква неофицијална најава доаѓала и високата функционерка на САД, Викторија Нуланд, чија посета е потврдена и ќе се случи в понеделник.

Можеби затоа и Нова Македонија излезе со наслов дека можеби претстои: „Недела на разврска на политичката криза?“ и дека очекувањата на политичките кругови се дека ќе има наметнат пресинг од меѓународниот фактор како и зголемена динамика на партиски активности.

Вечер со трнлив наслов потсетува: „Хајндл во Скопје - Досега пред доаѓањето на Германецот се случија два битни момента. Првиот пат беа одложени изборите, првично закажани за 5 јуни, а потоа беше поништена аболицијата од страна на претседателот Иванов“.

Само Слободен печат објави дека на средбата на Хајндл со ВМРО-ДПМНЕ не учествувал Никола Груевски. Истиот весник со насловот асоцира на мисијата на странците: „Хајндл ќе ги ’похува‘, Нуланд ќе ги ’пржи‘ македонските лидери“.

Кратењето на парите од ИПА-фондовите за Македонија е „Прва голема опомена од Брисел“. Ова го читаме во Утрински, а Слободен печат е уште подиректен: „Скратените 27 милиони евра се првите санкции за режимот на Груевски, следуваат други“.

Дневник насловува: „Дијаспората ја подели ДУИ – потпретседателот на Собранието Рафиз Алити бара од Ахмети да спречи 170.000 гласачи, повеќето Албанци, да одат на посебен список“.

Дневник исто така објави дека ДИК им предложила на четирите партии три избирачки списоци со цел да се реши политичката криза: еден со 170-те илјади лица кои се спорни за СДСМ и треба да се водат како дијаспора и друг посебен за 39.500 гласачи кои не беа пронајдени при теренските проверки. Замислете, ако се оствари ова, Македонија веројатно би била единствената држава со три избирачки списоци! Но, истиот весник објавува дека „Нема договор за избирачкиот список, ВМРО-ДПМНЕ прифаќа бришење на избирачите спорни за Заев, Ахмети и Тачи против оти тие биле Албанци“.

Утрински објави дека реакциите за новопредложениот закон од Владата за рекламни кампањи се „бурни“ и со иронија дека во „Министерството за информатичко општество продолжи ’јавната расправа за законот‘ зад затворени врати со телевизиите и радијата“.

Утрински го следи и проблемот со најавите дека ГТЦ во Скопје сепак ќе добие барокна фасада и покрај неодамнешните протести на граѓаните, на кои сега им се придружи и Шарената револуција. „Последни обиди за спас на ГТЦ – Архитектите бараат мораториум на Скопје 2014“.

Слободен печат ги проследи протестите во Куманово поради смртта на четиригодишниот Алмир: „Се бара максимална казна за убиецот на Алмир“, наслови весникот, а Утрински пишува дека „Семејната трагедија предизвика етничка поделеност“, објавувајќи и дека семејството бара случајот да не се политизира.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG