Достапни линкови

Изборите меѓу датумот и условите


Повторно станува актуелно дали е поважен датумот или условите за избори. Владејачката партија инсистира на датум, а опозцијата на исполнување на обврските за фер избори.

ВМРО-ДПМНЕ сака по секоја цена утврдување датум за изборите, а СДСМ спротивното, најпрвин исполнување на условите, па потоа нивно спроведување. Каде е решението и излезот од политичката криза. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов порачува дека ако се обезбедат минимум услови за изборите, СДСМ се подготвени да учествуваат во нив.

ВМРО-ДПМНЕ досега два пати го предели датумот за избори без исполнување на условите. Сите сме сведоци на судбината на нивниот бетон.

„ВМРО-ДПМНЕ досега два пати го предели датумот за избори без исполнување на условите. Сите сме сведоци на судбината на нивниот бетон. СДСМ инсистира да бидат исполнети условите, што е впрочем позиција на сите политички субјекти и на меѓународната заедница, освен на ВМРО ДПМНЕ, а потоа лесно ќе биде одреден датумот“, смета Шилегов.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски вели дека решението е во изборите и дека воедно не се противат на исполнувањето на условите за нивно спроведување.

„Впрочем кажавме дека токму Заев треба да каже кога се исполнети условите за да има избори. Ние сме против држење на земјата во заложништво и влегување во Владата на СДСМ без легитимитет со единствена цел да се кочат проектите и реформите. Имавме такво искуство седум месеци и видовме дека не донесе ништо добро за граѓаните. Земјата беше блокирана, а членовите на Владата од СДСМ со ништо не придонесоа за организација на изборите“, истакнува Котевски.

Ние сме против држење на земјата во заложништво и влегување во Владата на СДСМ без легитимитет со единствена цел да се кочат проектите и реформите.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери смета дека по однос на Договорот од Пржино ситуацијата се враќа на почетокот и повторно станува актуелно дали е поважен датумот или условите за избори. Но, според него, губење на време е да се оди на утврдување на датум, затоа што тоа ги мотивира партиите на власт да го опструираат Договорот од Пржино и повторно да не бидат создадени условите за избори.

„Од тие причини мислам дека треба да се направи дополнителен притисок и од меѓународната, но и од внатрешната јавност. Партиите најпрвин да се договорат за еден тајминг за исполнување на обврските, а датумот на избори да биде резултат на исполнување на обврските. Тоа би било излез или решение за излез од кризата. Во спротивно може повторно да се соочиме со фактот дека до денот кога евентуално ќе се утврди некој датум да не бидат исполнети условите, а со тоа да нема повторно избори. Тоа би било крајно несериозно“, истакнува Зибери.

Според него, власта ќе биде мора да прифати такво решение, бидејќи не може да одбие спроведување на реформите и исполнување на препораките од извештајот на Прибе и од Договорот од Пржино.

„Така да утврдување по секоја цена само на датум на одржување на избори е неодржлив аргумент на преговарачката маса каде секако улогата на меѓународниот фактор е од суштинско влијание“, додава Зибери.

Германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл вчера рече дека има излез од кризата, но пржинскиот процес е блокиран.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG