Достапни линкови

logo-print

Липите се уште ме "трујат" во Скопје.


Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа.

Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа.

Пред очи ми е тажен матен Вардар, празен брод што не е брод, паркинг што не е паркинг и држава што стана полу држава. Но, сепак, се радувам што има нови деца кои сакаат ова да не им се повтори и на кои им е збогтисано од партиски лидерчиња и диктаторчиња.

Додека од Ројал Македонија на стеснето корито на Вардар ечи српски турбо фолк во стил "гола до пола, плешеш око стола" седам потпрен на зидот на Kеј, кај паркингот од карши и чекајќи го Џук се обидувам во себе да си го исчистам "кралскиот" шунд од глава потпевнувајќи си ја "Waiting for a friend" од Rolling Stones.

Но, ни ќеифот дека камењата во Вардар и натаму се тркалаат и оти со другарчето по подолго време ќе седнеме на "after work party" ко шо вика он, или у кафана со салата и ракија по работа, шо би рекол ја, не ми ја истресе од глава "гола око стола".

Пред очи ми е тажен матен Вардар, празен брод што не е брод, паркинг што не е паркинг и држава што стана полудржава заради некои чудни момци кои со наши пари и без да не прашаат им ги сменија личниот опис на градот и општите вредности на македонскиот граѓанин и општество.

ОК, јасно е дека се тече, се се менува, но Panta Rhei, не е утеха, додека си мислам каков беше, каков стана, а каков можеше да биде градот што го сакаме. Скопје денес е симбол на една луда и ,пред се, лукративна замисла на лажните пророци која ја доведе целата земја македонска на работ на пропаста.

Јас не знам кога "градот убав пак ќе никне". Не знам ни дали и колку долго прескапо платениот стиропор, ќе го издржи забот на времето, но знам дека генерации ќе ја плаќаат лудоста на лажните архитекти од типот "Миле ми текна ај напраи ми едни шпански скали во Скопје“.

Имено, јас, пред се, знам дека генерации ќе плаќаат за направените па уништени плажи на Вардар, за бродовите на суво, за милионите отидени за споменици со чудни суми на чинење.

Јас гледам дека скоро секој вторник државата се задолжува. Јас гледам дека си замина, оној министерот што "своите" за лудаци ги имаше и така ги нарекуваше.

Јас слушам дека гатачки ни ја кројат судбината преку оние кои сакаат нивни "икони" да висат во најчуваниот партиски штаб во државата.

Но, јас, сепак, се радувам што има нови деца кои сакаат ова да не им се повтори и на кои им е збогтисано од партиски лидерчиња и диктаторчиња.

Гледам готовност секоја идна власт да биде под силна контрола за да не забега. Чувствувам спремност, никој во иднина предавник да не биде наречен, никој да не биде навреден заради различно мислење. Гледам желба за вработување и напредување без партиска книшка и ќеиф ми е.

Амин и иншала.

ПС. Мене липите се уште ми мирисаат во Скопје, а Џук ми доцнеше само 15 минути. Онака по скопски.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG