Достапни линкови

logo-print

Снимен филм за загадувањето од РЕК


Битолското здружение „ За нас се работи“ сними филм за аерозагадувањето. Во документарецот е наведено дека државата троши околу 22 милиони евра годишно за здравствени трошоци предизвикани од загадениот воздух.

Термоелектраните ТЕЦ „Осломеј“ и РЕК „Битола“ ја чинат Македонија околу 22 милиони евра за здравствени трошоци од болести и последици што се појавиле од аерозагадувањето. Ова беше посочено во документарниот филм „BT –TOXIC“ посветен на загадувањето на воздухот од РЕК, снимен од здружението „За нас се работи“. Во документарецот свои излагања изнесуваат медицински лица, експерти за животна средина, членови на невладиниот сектор и стручни лица од РЕК.

Во 2012 година термоелектраните РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ ја чинеле Македонија околу 20 до 22 милиони евра во здравствени трошоци. Во Европа пак трошоците од термоелектраните се околу 482 до 550 милиони евра.

„Во 2012 година термоелектраните РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ ја чинеле Македонија околу 20 до 22 милиони евра во здравствени трошоци. Во Европа пак трошоците од термоелектраните се околу 482 до 550 милиони евра. Во овие бројки се вклучени повеќе типови на трошоци и тоа, скратен работен век, смртност на новороденчиња, болнички приеми заради бронхитис, асма и заболување на долни дишни патишта, поради срцеви заболувања и загубени работни денови“, вели Невена Смилевска од „Екосвест“.

И медицинските лица потврдуваат дека загадувањето ја зголемува бројката на болни и процентот на смртност.

„Сигурно дека еден дел од хроничните болни со белодробни или кардиоваскуларни заболувања починале како последица од аерозагадувањето“, вели Нико Герас, лекар специјалист по општа медицина

„Аерозагадувањето е причина за многу заболувања, примарно кај респираторните органи, но и кај кардиоваслуларниот систем. Делува кај крвните садови прави еден тип на артериосклероза и исхемичните болести на срцето и мозокот се исто така поврзани со аерозагадувањето, посебно кај постарата популација. Честичките имаат два аспекти, едниот е механички, а тоа е големината која го иритира белиот дроб и дава бронхит , а другиот има хемиски аспект. Ако се работи за класично загадување од јаглен, тогаш е јагленов полнежот и тој е канцероген“, вели Драган Ѓоргиев од Институтот за јавно здравје.

Од загадувањето најпогодена е општина Новаци.

„Начинот на кој се справуваат со проблемите е неправилен. Не можат да изнесуваат пепел на отворено, зашто првиот ветер што ќе дувне ќе ја донесе до населбата, а луѓе живеат на два километри од капацитетот. Овие жители живеат на пет километри од депонијата „Мегленци“ и има страшна миризба. Тука поминува секој камион кој одлага смет во депонијата, на 300 метри од школото и на 30 метри од градинката“, вели Душко Груевски од здружението „За нас се работи“.

Од РЕК велат дека загадувањето е во границите на дозволеното, а ружата на ветрови не дозволува загадувачките материи да доаѓаат до градот. Но, сепак признаваат дека ќе вадат интегрирана еколошка дозвола до 2018 година кога ќе ја намалат емисијата на МП10 честичките.

-Со нашата инвестиција која следи ќе треба да ги намалиме честичките на 20 милиграми на метар кубен, а планираме и многу повеќе од таа норма дури и до 5 милиграми да биде испустот на ПМ 10 во воздухот- вели Тони Паспаловски од РЕК „Битола“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG