Достапни линкови

Прочистувањето на избирачкиот во втор план


Единствената работа за која членовите на Државната избора комисија беа едногласни, покрај гласањето за нивните хонорари, беа трите илјади починати лица кои беа избришани.

Во дебатата за датум за избори и исполнување на заостанатите обврски од договорот од Пржино, избирачкиот список и обврските на Државната изборна комисија преминаа во втор план.

Најсигурен, најдобар начин е да се спроведе попис. Штета е што оној започнат попис не се заврши. Треба да се направи еден педантно и стручно воден попис на населението и од тој попис ќе се дојдеше до многу значајни податоци преку кои, со дополнителни проверки, можеше да се дојде до еден добар и квалитетен избирачки список.
Темелко Ристески, универзитетски професор

Деновиве избирачкиот список повторно стана достапен за граѓаните на интернет страницата на ДИК. Граѓаните може да проверуваат по три основи, по име и презиме, по адреса и по матичен број. Во меѓувреме и по ангажман на странски експерти, проверка на неколку дата бази како и ангажирањето на непартиски членови во комисијата, резултатите се малтене поразителни. Членовите на изборната комисија и овој пат ќе мора да се справат со речиси 100 илјади луѓе кои немаат валидна лична карта и живеалиште, нејасен статус на 40 илјади луѓе кои не се пронајдени на заведените адреси при теренската проверка, како и 12 илјади луѓе за кои нема никакви податоци и 4 илјади кои граѓаните сами ги пријавија како спорни „фантомски гласачи“.

Единствената работа за која членовите на Државната избора комисија беа едногласни, покрај гласањето за нивните хонорари, беа 3-те илјади починати лица кои беа избришани.

Натамошно прочистување на списокот е неопходно, велат аналитичарите. Универзитетскиот професор Темелко Ристески смета дека непосредни проверки на терен и дополнително прочистување на базата со вкрстување на податоци се најдобрите начини за прочистување на преостанатите спорни лица евидентирани во избирачкиот список.

„Најсигурен, најдобар начин е да се спроведе попис. Штета е што оној започнат попис не се заврши. Треба да се направи еден педантно и стручно воден попис на населението и од тој попис ќе се дојдеше до многу значајни податоци преку кои, со дополнителни проверки, можеше да се дојде до еден добар и квалитетен избирачки список“, рече Ристески.

Еврокомесарот Јоханес Хан неодамна предложи меѓународен мониторинг при подготовка на избирачкиот список. Од партиите сè уште молчат за таквата идеја. Од ВМРО-ДПМНЕ не се огласуваат за оваа идеја, но велат дека во периодот што следи ќе работат на подигнување на довербата во избирачкиот список, иако тој за нив никогаш не бил спорен сегмент.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев не открива детали за какво прочистување ќе се преговара, но посочи дека за нив императив е исполнување на условите за избори.

„На седнување на маса, постојат неколку варијанти, активната регистрација и неколку други, но потребно е само политичка подготвеност од чинителите тоа да се заврши“, рече тој.

Ристески, во врска со иницијативата на Хан, вели дека секоја помош во прочистувањето на списокот е добредојдена затоа што досега се покажа дека нема доволно политичка волја за тоа.

„Висок степен на доверба не се постигнува со следење на интересите на оваа или онаа владејачка гарнитура. Со доследно спроведување на законот, на законските прописи и се разбира врз основа на експертиза“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG