Достапни линкови

Иницијатива за преиспитување на Уставноста на распуштање на Собранието


Специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл.

Специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл.

Партиите со помош од страна работат на тоа како да се свика Собранието за да се одложат изборите, како и да се поништи одлуката за аболиција. Правото одамна е погазено, политиката може да изврши повеќе влијание, велат експертите.

ДУИ денеска до Уставниот суд поднесе иницијатива за преиспитување на уставноста на одлуката за распуштање на собранието потврди за Радио слободна Европа портпаролот на партијата Бујар Османи.

Лидерот на партијата Али Ахмети кој претпалднево се сретна со со специјалниот пратеник на Берлин за Македонија Јоханес Хајндл рече дека дека се консултираат со домашни и странски правни експерти за тоа како да се свика Собранието за да се донесат важни одлуки и дека е во контакт со сите политички партии.

Собранието против уставно се распушти, знаеше и свесно беше во што влегува и сега во такви услови мислам дека политиката може да изврши повеќе влијание отколку правото.

​Од СДСМ, чиј лидер се сретна со Хајндл утринава, преку соопштение наведоа дека и тие разговарале за модалитетите за свикување на Собранието и одложување на изборите, како и начинот за поништување на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција.

Договорот од Пржино е мртов, време е за нов договор, изјави првиот човек на ДПА, Мендух Тачи по средбата со германскиот дипломат, оценувајќи ја иницијативата на Ахмети како лош маркетиншки трик.

Според поранешниот судија во Уставниот суд Трендафил Ивановски во земјава е тешко што било да се анализира уставно и законски, оти како што тврди, правото во државава одамна се погазувало. Тој сугерира дека подобро е одложувањето на изборите да оди преку Собранието.

„Собранието против уставно се распушти, знаеше и свесно беше во што влегува и сега во такви услови мислам дека политиката може да изврши повеќе влијание отколку правото. Ако евентуално се поднесе иницијатива пред Уставниот суд, таа, ако се оди по деловникот треба да се формира предмет, па тој треба да се даде на проучување, сето тоа е одологовлекување. Од друга страна, ако се оди од денес за утре, иницијативата веднаш да се разгледа, па да се поведе постапка, да се оцени, мислам дека тој механизам е многу посложен и понефикасен“, вели Ивановски.

Хајндл кој вчера пристигна во земјава се сретна и со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. По средбата од владејачката партија соопштија дека се посветени на изнаоѓање на решенија кои би значеле брз излез од наметната политичка криза.

По денови посредни разговори меѓу партиите потписнички на Договорот од Пржино и амбасадорите на САД и на ЕУ најмногу за начините како да се отповикаат одлуките за избори и за аболиција, вчера претседателот на ДУИ Ахмети најави дека тие ќе преземеле иницијатива, оти, како што пиша, одржувањето на вонредни избори на 5 јуни, без учество на ДУИ, ДПА и СДСМ, не претставува почеток на решавањето на политичката криза, туку спротивно продлабочување.

На ова претходеше и реакција од Американската амбасада во Македонија во која ги повика партиите повторно да го свикаат Собранието, да ги откажат изборите, да ги поништат помилувањата, и повторно да се посветат на спроведување на агресивна реформска агенда втемелена во Пржинскиот договор, итните реформски приоритети на ЕУ, Извештајот на Прибе и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG