Достапни линкови

Парламентот вечерва ја преиначи одлуката за негово распуштање донесена на 18 јануари. Согласно измените на изборниот законик Собранието ќе се распушти на 7 април, односно 60 дена пред избори со цел тие да бидат спроведени на 5 јуни.

Вонредните парламентарни избори нема да се одржат на 24 април по вечерашната одлука на Собранието да не се распушти и откако со 73 гласа за и 7 воздржани беа усвоени измените на изборниот законик. Претходно на вонредната 95 седница, парламентарното мнозинство донесе одлука да ја преиначи одлуката за распуштање на Собранието донесена на 18 јануари. Согласно измените, Собранието ќе се распушти на 7 април, односно 60 дена пред избори со цел тие да бидат спроведени на 5 јуни.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за одложување на изборите е уште еден пораз на Никола Груевски, кој, според него ја признал својата лична одговорност дека нема услови за фер и слободни избори на 24 април. Потврдата од ЕУ и САД, како меѓународни гаранти на Договорот од Пржино, како што нагласи Заев, дека не се исполнети условите за избори, покажуваат само колку тие се значајни за иднината на Македонија.

„Груевски сакаше да ја повлече Македонија во сериозна меѓународна изолација и во длабока внатрешна криза со единствена цел заштита на криминалот и корупцијата на фамилијата“, рече Заев.

Според него, Груевски се плаши од слободни избори бидејќи знае дека ќе ги загуби и оти тој не може да ја држи Македонија во заложништво. Заев додаде и дека вечерва се потврдило оти ништо повеќе не зависи од Груевски. Тој повтори и дека во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори со прочистен избирачки список и со реформи за слободни медиуми на кои сите партии слободно ќе учствуваат.

До 5 јуни може да глумите победници, но тогаш ќе видите кој е победник, му порача на лидерот на СДСМ Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на прес-конференција во партиското седиште одржана еден час после полноќ. Тој рече дека нема да има ново одложување на изборите и оти на 5 јуни ќе има избори, со или без СДСМ.

Груевски рече дека добиле уверување од претставниците на ЕУ и САД дека ова ќе биде единствено пролонгирање и нема да бараат ново, како второ до изборите повеќе да нема преговори за спроведување на изборите, бидејќи и странците веруваат дека ДИК ќе има доволно време за да го прочисти избирачкиот список, понатаму да нема нови услови за изборите на 5 јуни, како законот за медиуми, и да нема нови проценки за тоа дали земјата е подготвена за избори. Дополнително, рече Груевски, има и ново уверување од ДУИ дека стојат цврсто на одлуката за избори на 5 јуни, со или без СДСМ.

„Државата не може да биде заложник на СДСМ. Им даваме последна шанса на СДСМ да излезат на избори и да го погледнат народот во очи, само со излегување на избори се добива легитимитет и доверба од граѓаните. Оние кои сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ направи премногу компромиси, нашата попустливост се должи на силата што народот ни ја дава. Разговорите за тоа кој денеска испадна послаб или појак ќе завршат на 5 јуни“, рече Груевски.

Новиот датум за избори - пораз или победа?

Пратениците на СДСМ воедно не гласаа за одложување на одлуката за распуштање на Собранието. Координаторот на опозициската партија Горан Сугарески истакна дека таквата одлука е уште еден пораз на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи се покажало оти нема услови за фер и демократски избори. Според него, без прочистен избирачки список и без реформи во медиумите не може да има фер и кредибилни избори, а тоа го потврдила меѓународната заедница.

„СДСМ не гласаше за едностраната одлука на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ за распуштање на Собранието на 18 јануари и затоа нема да гласаме и сега за одложување на изборите“.

Координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека срам за една политичка партија е да бега од избори и да се радува за тоа.Тој порача дека ниту еден меѓународен посрединик и измислен пријател нема да ги заштити СДСМ од волјата на народот. Според него, народот ќе си дојде по своето и ќе го врати суверенитето на државата.

„На 5 јуни со вас или без вас граѓаните ќе го изберат новото Собрание, а вие и натаму да продолжите со деструктивната и кукавичка политика“, нагласи Димовски.

За збор во Парламентот се јави и координаторот на ДУИ, Талат Џафери кој рече дека тие како и на 18 јануари, па така и денеска под договор на лидерите на политичките партии и под надозр на меѓународната заедница го преземаат овој чекор со цел, како што нагласи, да се излезе од политички хаос во земјата и затоа ќе дадат поддршка и на оваа одлука.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG