Достапни линкови

И Заев и Груевски го повикаа народот да им се придружи


Лидерите на двете најголеми политички партии, Никола Груевски и Зоран Заев, денеска ги повикаа граѓаните да им се придружат - првиот за изборна победа, вториот за бојкот на изборите.

Во рок од еден час, претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски, ги повика граѓаните и народот да им се придружат. Опозицискиот лидер на прес-конференција повика на широк граѓански фронт за слободна Македонија во кој би се приклучиле коалициските партнери , политичките партии, невладините организации, здруженијата, синдикатите, интелектуалците, професорите и други. Груевски, пак, го повика народот да се придружи кон нив и да го подигне гласот за нивната кауза.

Услови за избори има и избори ќе се одржат. Секој може да учествува на тие избори или да не учествува и тоа е слобода.

Часови по одлуката за распуштање на Собранието, и Заев и Груевски стојат на своите ставови, првиот за бојкот на изборите, а вториот за избори на петти јуни со кои, како што рече, ќе се стави крај на кризата.

Опозицијата нема никакви аргументи за бегање од избори, рече Груевски, нагласувајќи дека не е вистина дека медиумите не се регулирани, дека немало никаков проблем со избирачкиот список и за мешањето на партијата и државата посочи дека Заев не можел да зборува за тоа оти Оливер Спасовски во МВР го правел тоа. Заплашувања на избирачи не смее да има, додаде тој.

„Услови за избори има и избори ќе се одржат. Секој може да учествува на тие избори или да не учествува и тоа е слобода, односно и негласањето или неучествувањето на избори е одлука и еден вид учество во демократијата. Така функционира демократијата. Мнозинството одлучува“, рече Груевски.

Заев, пак, останува на тврдењата дека услови за избори нема, споменувајќи ги повторно избирачкиот список, медиумите и одвојувањето на партијата од државата. Но, и покрај сите случувања, и двајцата тврдат дека Договорот од Пржино сè уште е жив.

„За нас нема алтернатива освен пржинскиот договор. Груевски со едностраната одлука, заедно со ДУИ, да го распушти парламентот, ги урниса минимум условите коишто пржинскиот договор ги гарантираат, за постигање на целта за постоење на пржинскиот договор. Тоа се регуларни, фер и демократски избори во Република Македонија. Тие со таа одлука ги направија изборите невозможни да бидат во Македонија“, рече Зоран Заев.

„Ние ќе продолжиме да работиме и да се трудиме тој договор да опстои и да резултира со успех“, рече Никола Груевски.

И додека претседателот на владејачката партија вели дека ако опозицијата го бојкотира гласањето, тие ќе се натпреваруваат со сите коишто ќе излезат на него, Заев нагласи дека немале намера да ги гледаат на телевизија изборите, туку ќе ги искористат сите алатки со кои располагаат и тука, како што рече, не им бегаат улиците. Тој додаде и дека немало да го чуди преку Уставниот суд да се укине и Специјалното јавно обвинителство со што ќе се отвори можноста да ги добијат назад прислушуваните материјали кои ги предадоа.

„Јас се надевам дека толкаво безобразие нема да се случи во Македонија. Но, ако се случи, нема друга државна институција којашто треба да ги поседува тие материјали. Тие се должни да ги вратат во опозицијата од каде што ги добија. Ние сите материјали коишто ги поседувавме, уште еднаш одговорно тврдам дека сите материјали коишто ги поседувавме ги предадовме до СЈО“, рече Заев.

За повлекувањето на нивните членови од ДИК, опозицискиот блок сè уште нема донесено конечна одлука, а разгледувале правни опции како да ги извлечат министрите и замениците од владата, кои, како што рече, биле заробени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ откако Собранието вчера не им ги констатира оставките.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG