Достапни линкови

logo-print

Медиумите неподготвени за професионално известување за изборите


По најавата за избори се случува дел од медиумите да имитираат избалансирано известување, но она што недостасува е дебата и соочување меѓу политичките противници.

Медиумите не се подготвени за професионално известување за изборите, сметаат дел од учесниците на конференцијата „Професионалното известување на медиумите – предуслов за слободни и фер избори.“

Јавноста има право да знае, јавноста има право да знае за сите аспекти на политичкото и општественото живеење, она што МОДЕМ го востанови е дека медиумите во Македонија и го ускратуваат правото на јавноста да знае и поради тоа не можеме да дојдеме до никаков друг заклучок освен тоа дека Македонија не е подготвена за избори во вакви услови.

Игор Мицевски, истражувач во Институтот за комуникациски студии, презентирајќи го проектот МОДЕМ, вели дека наодите од последниот извештај говорат оти вестите на дел од телевизиите се претвориле во политички маркетинг на власта и на Никола Груевски, се демонизира опозицијата и неистомислениците, понатаму дека присуството на опозицијата во медиумите е зголемено, но не во квалитативна смисла, туку квантитативно, со што се создава лажна слика на етички плурализам во медиумите.

„Јавноста има право да знае, јавноста има право да знае за сите аспекти на политичкото и општественото живеење, она што МОДЕМ го востанови е дека медиумите во Македонија и го ускратуваат правото на јавноста да знае и поради тоа не можеме да дојдеме до никаков друг заклучок освен тоа дека Македонија не е подготвена за избори во вакви услови“, рече Мицевски.

Стојан Трпчевски, уредник на информативната програма на првиот програмски сервис на МРТВ, не се согласува со наодите во истражувањето што се однесуваат на медиумот од кој доаѓа.

„Да не паднете во замка и заседа ставајќи нè во ист кош со другите провладини телевизии, односно дел од приватните концесионери. Во овој период многу се внимава, особено во изминатиот месец, два, а многу ќе се внимава и во период што престои“, вели тој.

Сања Васиќ, уредник во телевизија Телма, вели дека по најавата за избори се случува дел од медиумите да имитираат избалансирано известување, но она што недостасува е дебата и соочување меѓу политичките противници.

„И натаму дебатираат аналитичарите, невладините организации, граѓаните, но не и главните политички ликови кои ја кројат судбината на државата, затоа и велам дека е само имитација на некакви стандарди и баланс во тотално неизбалансирани медиуми, кои со години се во спрега со владејачките партии и се претворија во агитатори. Оваа ситуација веќе толку долго трае што веќе почнавме да се сомневаме дека постои култура на професионалност во медиумите“, вели таа.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, праша како се нарекуваат медиумите што не се провладини.

„Досега сите избори наназад, ако ги видите извештаите, одредени медиуми известуваат повеќе во корист на власта без разлика која е власта, а други известуваат повеќе во корист на опозицијата, значи не може да се каже дека едните се проладини, а другите се професионални, независни и критички се донесуваат.“

Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, Нина Соумалајнен, рече дека медиумите треба да бидат професионални цело време, не само за избори.

Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет вели дека балансираното и непристрасното покривање на изборите е многу битно за да има веродостојни, праведни и фер избори.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG