Достапни линкови

logo-print

„Диво насеље“ - Сведочеа полицајците од Гошинце


Судскиот процес „Диво насеље“.

Судскиот процес „Диво насеље“.

Судот им се извини на новинарите оти медиумите денеска немаа можност да го проследат судењето за случајот „Диво насеље“, затоа што немаше просторни услови.

Првите сведоци на обвинителство во случајот „Диво Насеље“ беа полицајците од караулата Гошинце, и роднина на еден од обвинетите, предложени од обвинителството. Медиумите денеска немаа можност да го проследат нивното сведочење затоа што во Основниот суд 1 каде што беше одржано рочиштето немаше просторни услови. Образложението на Судот е дека во малата судница нема доволно простор за да присуствуваат сите засегнати страни, но и дека бројот на лица кои можат да го следат судењето бил ограничен поради безбедносни причини.

„Затоа беше предложено на главната расправа да влезат само дел од новинарите, но тие тоа го одбија за што како суд имаме целосно разбирање, но воедно бараме и разбирање од нивна страна за условите и ограничувањето на нашата судница“, е наведено во извинувањето до медиумите од Основниот суд 1.

Изминатите две рочишта за 29-те обвинети за тероризам и терористичка организација беа во големата сала на Врховниот Суд, но денеска не сакале да ја отстапат салата затоа што било потребно да се изврши реновирање, иако од таму беше закажано за овој датум.

Адвокатот на дел од обвинетите Асмир Алипагич изјави дека на следното рочиште се продолжува со доказната постапка со сослушување на сведоци. Тој за сведочењето на сведоците повикани од обвинителството не сакаше да коментира.

„Па јас би се воздржал од коментарите на сведочењето сепак се работи за полициски службеници кои биле во моментот на немилиот настан кој се случил на полициската станица Гошинце.“

Министерството за внатрешни работи по инцидентот во Гошинце, тогаш тврдеше дека полицајците биле нападнати од голема група вооружени лица кои им го одзеле оружјето.

На претходното рочиште дел од обвинетите во своите искази пред судот за случувањата во „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај, посочија дека се искористени за нечии политички цели и дека од организаторите им било речено да не пукаат кон полицијата туку во воздух. Одбраната во воведните говори тврдеше дека правната квалификација „тероризам“ не може да опстои како што е наведена во обвинителниот акт, затоа што, според нив, станува збор за друго кривично дело.

На денешното рочиште покрај обвинетите, кои се донесени со силно полициско обезбедување од затворите каде што издржуваат притвор, и нивната одбрана, имаше и претставници на судската полиција како и набљудувачи од ОБСЕ, претставници на амбасадата на Косово во Република Македонија, претставник на Хелсиншкиот комитет и коалицијата „Сите за правично судење“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG