Достапни линкови

Советот за оценка на обвинителниот акт одлучува дали ќе го прифати обвинителниот акт против 29 луѓе за настаните во Диво Насеље. Пред судот има силно полициско обезбедување.

Огромни полициски сили го обезбедуваат комплексот судови во Скопје, каде што денеска Советот за оценка на обвинителниот акт одлучува дали ќе го прифати обвинителниот акт против 29 луѓе за настаните во Диво Насеље или ќе бара да се преработи. Седницата се одржува во Врховниот суд.

Јавната седница требаше да почне во 11 часот, но почетокот се одложи за еден час. Многу новинари, како и роднини на обвинетите чекаа да влезат во Судот за да ја следат седницата.

Обвинителството смета дека 29-мината уапсени, двајца кои избегаа и уште десетмина кои загинаа во Диво Насеље од почетокот на годината почнале со организација на терористички активности. Целта им била да предизвикаат чувство на несигурност и страв меѓу граѓаните, стои во обвинението.

Дел од групата претходно учествувал и во нападот врз граничната полициска станица Гошинце од каде беше однесено оружјето, а четворицата полицајци беа врзани.

Обвинителниот акт беше поднесен на почетокот на ноември, а бранителите на обвинетите поднеле приговори зашто сметаат дека обвинението е неосновано.

Групата беше разбиена во полициската акција на 9-ти и 10-ти мај. Во крвавите престрелки загинаа 8 полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека 42-ца беа тешко повредени. Полицијата тогаш се пофали дека спровела успешна акција, но неколку дена подоцна оставки поднесоа тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на УБК Сашо Мијалков. Заедно со нив оставка поднесе и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Сите тројца беа едни од главните актери и во опозициските „бомби“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG