Достапни линкови

Груевски ја вжешти, Хан ја забибери атмосферата


Реториката на Груевски, изјавата на Хан за изборите, хајката против специјалната обвинителка, работните групи, извештајот на Фридом хаус според кој Македонија е во групата делумно слободни земји, теми за кои анализираат весниците.

„Се вжештува политичкиот ринг‟, насловува Утрински по настапот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на годишната конференција на Унијата на жените на неговата партија. Консултирајќи политички аналитичари, Утрински пренесува дека тие не се изненадени од неговата реторика, но дека се загрижени што говорот доаѓа во време кога треба да се завршат значајни обврски од Договорот од Пржино.

И дипломатите збунети од Хан – меѓународните претставници во земјава не веруваат во случајноста и вадењето од контекст на изјавите на еврокомесарот.

Атмосферата ја забибери и изјавата на еврокомесарот Хан за бугарски Капитал дека „Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес‟, како што во наслов објави Вечер, па Слободен печат ќе напише: „Хан го изгуби кредитот, ни ‚Капитал‛ не сака да го пере – еврокомесарот предизвика бура со непринципиелната изјава за изборите‟. „И дипломатите збунети од Хан – меѓународните претставници во земјава не веруваат во случајноста и вадењето од контекст на изјавите на еврокомесарот‟ , информира Утрински.

Посредникот во партиските преговори Ванхауте има различен став од Хан. Дневник ја објави неговата изјава дека „Ако нема доволно време, изборите можат да бидат проблематични‟.

Во меѓувреме, Груевски го следат провладините медиуми, па Вечер целосно е ангажиран со нападите врз Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и „соросовите медиуми‟, како што весникот одамна ги крсти новинарите и медиумите кои имаат различни ставови од оние на власта. „Катица потпиша пристапница во СДСМ!‟ оди со наслов Вечер на текст во кој Јанева се напаѓа затоа што наместо сајт на нејзиното обвинителство информациите ги пласирала преку Фејсбук група на СЈО. Дневник објави: „Денови на Јанева: поголемо обезбедување, отчет пред Советот на јавни обвинители и буџетот во Собранието‟. Утрински ја објави реакцијата на обвинителството на Јанева дека „Со Законот за специјалното јавно обвинителство немаме обврска да даваме отчет пред 6 месеци‟.

А за преговорите на работните групи за медиумите: „СДСМ го дава избирачкиот список во замена за медиумите‟, наслови Утрински; „Предлозите што ги дава ВМРО-ДПМНЕ се смрт за медиумите‟ - излезе со наслов Слободен печат; Утрински информира и дека „МРТ јавно се обврза да известува за изборите како Би-Би-Си‟. А Вечер оценува: „Поради фабрикуваните афери новинарите од кампот на Фондацијата Сорос немаат забележителен углед и рејтинг во јавноста‟.

И, како за крај, уште една непријатна вест: „Фридом хаус: надолен тренд – Македонија во групата делумно слободни земји‟, го објавува Утрински најновиот извештај на американската организација, која за минатата година ја дава оценката 3,5, која се должи на аферата со прислушувањето. Фридом хаус оценува дека „Македонија не е повеќе изборна демократија‟, наслови Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG