Достапни линкови

logo-print

Земјоделците сакаат да се модернизираат


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Земјоделците се заинтересирани за унапредување на нивното производство, но не доволно да научат тоа да биде планско, велат од Здружението на земјоделските производители од Куманово.

Земјоделските производители од кумановско имаат потреба од подобро информирање за планско производство и за можностите за неговиот пласман.

Цената на млекото ја намалија од 18 на 16 денари, а цената на јачменот, зобот ја зголемија на 13 денари. Нема сметка никаква. Имам пет крави, планирам да намалам. Свињи одгледувам, ама не можам да ги продадам.

„Произведеш нешто и не можеш да го продадеш. На пазарот инспекцијата не брка, оти ни велат дека треба да закупиме тезга, а ние не сме препродавачи за цела година да закупиме тезга. Ние сме сезонски продавачи. Продавам кромид, лук, грозје, круши, јаболка, тоа е за десетина до петнаесет дена, не можам да плаќам за тезга за цела година. Или чувам сто кокошки, пет крави, произведувам млеко, сирење и на нашиот пазар не можам никако да го продадам“, вели Зоран Трајковиќ од кумановското село Четирце.

За субвенциите тој додава дека доцнат, што исто така го отежнува нивното производство иако многумина егзистираат единствено од него.

„Цената на млекото ја намалија од 18 на 16 денари, а цената на јачменот, зобот ја зголемија на 13 денари. Нема сметка никаква. Имам пет крави, планирам да намалам. Свињи одгледувам, ама не можам да ги продадам, вели земјоделецот Трајковиќ.

Затоа и Здружението на земјоделските производители од Куманово неодамна организираше предавање, за производителите подобро да се запознаат со новините согласно современите трендови.

На земјоделците им беше укажано за значењето на мерни инструменти, био ѓубриво и како да ги пријавуваат даноците.

Момчило Трајковски претседател на Здружението појаснува дека земјоделците треба да научат како да го користат био ѓубривото, за што ќе се направат обиди на три локации.

„Тоа е еколошко и од растително потекло. Едната локација ќе биде во Младо Нагоричане, кај Бобан Милошевски на пченица, вториот опит ќе биде на јачмен во Ново Село и третиот ќе биде на пиперки во Пчиња. И до сега земјоделците го користат ова ѓубриво, но со опитот сакаме да видиме како ќе изгледа, согласно европските стандарди,а и поевтино е.“

Трајковски забележува дека земјоделците се заинтересирани за унапредување на нивното производство, но не доволно да научат тоа да биде планско. Тие главно се ориентирани кон производство на житарици, оти за внесување на капка по капка системот во градинарството и овоштарството треба да инвестираат. Според Трајковски земјоделците се пријавуваат за плаќање даноци, но во формуларот ги внесуваат и субвенциите, со што самите давачките ги дуплираат.

Кармен Каитозис од скопска фирма „Агро трејд“ им објасни на земјоделците за значењето на мерните инструменти на почвата, житариците, млекото, виното и тутунот. Таа исто така им посочи дека за заштита на добитокот постојат и електрични огради.

„Електричните огради се користат на пример, во пчеларството, каде пчеларите ги поставуваат за заштита на пчелните семејства од напади од мечки.“

Иако сегашните земјоделци сакаат да бидат модерни и современи со своето производство, сепак бавно одат кон неговото интензивирање. Кај нив се уште доминира екстензивниот начин, оној што го наследиле од нивните родители, поради што и најчесто се разочарани од заработувачката.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG