Достапни линкови

Земјоделците се жалат дека го продале пиперот за бадијала


Наместо над 20 денари за килограм, како што најави Министерството за земјоделство, производителите од Кривогаштани се жалат дека откупувачите им дале по 16 денари за килограм пиперки. Локалните власти најавуваат дека инвеститор гради преработувачки капацитет за земјоделски производи со што ќе има посигурен откуп.

Љупчо Јосифоски е долгогодишен земјоделец од село Кривогаштани од истоимената пелагониска општина. Целата реколта од над 50 тони пиперки ја предал по ниски откупни цени. Наместо да биде преку 20, пиперките откупните фирми им ги презеле за минимални, како што вели, 16 денари за килограм. А, згора, наместо некои откупни фирми, обврските ги компензирале со семенски материјал.

Министерот за земјоделство рече дека ќе биде 20 денари, не достигна таа цена од 20 денари, туку од 15 до 18 денари, зелената по 7, па падна на 6 денари и тоа не за пари, туку за вештачко ѓубриво, нема пари од откупувачите.

„Министерот за земјоделство рече дека ќе биде 20 денари, не достигна таа цена од 20 денари, туку од 15 до 18 денари, зелената по 7, па падна на 6 денари и тоа не за пари, туку за вештачко ѓубриво, нема пари од откупувачите“, вели Јосифоски.

Во кривогаштанска општина незадоволни од откупот се и други производители.

„Два месеца немаат исплатено денар, тоа од што живеат прашајте ги луѓето.“

„Е, па треба да се реши, да има преработувачки капацитети повеќе и ќе биде откупот пореализиран.“

„Најмногу нека биде по 5 до 7 дена исплата, а тие доцнат, може ќе доцнат и до нова година, на кого ќе се жалиш.“

„И преработувачите од Македонија, треба и тие навреме да исплаќаат“, велат кривогаштанските земјоделци.

Од откупните фирми, пак, истакнуваат дека рокот за исплата на реколтата е пропишан во договорите што ги потпишуваат со земјоделците. Според тоа, реколтата годинава треба да се исплати законски, најдоцна во рок од 180 дена. Потенцираат дека доколку преработувачките фирми поскоро би им ги пренеле парите на сметката и тие ќе можат побргу да им ја платат реколтата на земјоделците.

Од друга страна, од локалната самоуправа потенцираат дека токму за да им се олесни животот на земјоделците и да се стимулира економски развој, се вложуваат напори во индустриската зона „Славеј“ да се привлечат што повеќе преработувачи на земјоделски култури.

„Моментално активно работат на адаптација на просторот во поранешното земјоделско училиште. Објектот е над 1000м2 тврда градба и околу 18.000 м2 слободна површина. Според најавите на инвеститорот, поранешен жител на Општина Долнени, одамна иселен во САД, во текот на идната година, да почне со преработувачка и производство на зеленчук. И се надевам дека следната година комплетно ќе функционираат 3 фабрики за производство и преработка на земјоделски производи“, вели градоначалникот Тони Заткоски.

Инаку, годинешната реколта на пиперки била тешка околу 8.000 тони.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG