Достапни линкови

Анкетната комисија најинтересна тема за нашите читатели


Работата на Анкетната комисија во Собранието за прислушувањето е најкоментирана тема на нашата интернет страница.

Сите оние што ги следат случувањата на домашната политичка сцена знаат што се случува на седниците на Анкетната комисија во Собранието каде што треба да се разјасни прислушувањето. Но, разјаснување нема - главните личности кои треба да дадат свои искази - премиерот Груевски, Ставревски, Мијалков, Протуѓер - досега барем ја игнорираат комисијата и не дојдоа во закажаните термини или презакажаа нови.

На 100 начини е докажано дека ВМРО ги фалсификува изборите. Само што немаме суд.
коментар од читател.

Токму затоа Пиле, на нашата веб-страница, коментира дека самото формирање на Анкетната е циркус на умот на секој оној што мисли дека ќе постигне нешто во услови на крајно немање политичка желба од актерите и креаторите на катастрофалните состојби во земјава на секој план. Ана, пак, смета дека претседателот на Комисијата, Петре Шилегов, е неработник и со незнаењето и ароганцијата не дозволува Комисијата да работи.

Цела полемика развиваат фановите на Радио Слободна Европа на Фејсбук по неделното интервју со првиот човек на МВР од опозициската СДСМ, Оливер Спасовски. Мора да се признае дека коментаторите до крај го искористиле правото на слобода на мислење и на говор, па најчесто употребуваат и непримерен јазик, дури и говор на омраза. Од оние, попристојните, го издвојуваме постот на Драган Ивановски кој напишал дека додека Спасовски утврди кој ги печател лажните лични карти, пак ќе бил советник во Куманово, а Гоце Дончев вели: „На 100 начини е докажано дека ВМРО ги фалсификува изборите. Само што немаме суд“. Бурхан Елези извикува: „Сите излегоа исти, ама пак овие не ги сакаме. Напред Заев, биди храбар“.

За тоа дека изборните нерегуларности ќе бидат првата задача на тимот на Специјалното обвинителство на Јанева, Незабеган, по информацијата напишал: „Да е само ова и оние гласачи - манекени од Пустец“, а потпишан со Крајно време се обраќа токму на тимот на Јанева: „Правете што ќе правите, ама берете памет. Народот гледа многу внимателно. Игри со префрлање на одговорноста, фингирани кавги и жртвувања на безначајни фигури нема да поминат лесно. Македонија е во прашање“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG