Достапни линкови

logo-print

Црна Гора низ отворената врата на НАТО


Одлуката на министерскиот совет на НАТО за Црна Гора ја соопшти генералниот секретар Јенс Столтенберг кој оцени дека станува збор за историска. Тој додаде дека НАТО ја продолжува политиката на отворена врата за другите земји во регионот кои сакаат да станат членки на Алијансата.

„Шефовите на дипломатиите на НАТО донесоа историска одлука да ја поканат Црна Гора да ги почне пристапните разговори за да стане 29 членка на нашата Алијанса. Им честитаме на владата и на граѓаните на Црна Гора за нивните напори“, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг додавајќи:

„Пристапувањето на Црна Гора во НАТО ќе биде уште еден важен чекор во евроатланската интеграција на целиот регион на Западен Балкан и направи јасно дека НАТО ја држи отворена вратата за да се заврши нашата визија за Европа цела, слободна и во мир“.

Столтенберг изјави дека Црна Гора во наредниот период треба да остане фокусирана врз поддршката на јавноста за членството на оваа земја во НАТО, како и на реформите кои се однесуваат на владеењето на правото.

Веднаш по едногласната одлука министрите за надворешни работи и за одбрана на Црна Гора беа поканети да учествуваат на денешниот собир. Шефот на црногорската дипломатија Игор Лукшиќ изјави дека ова е голем ден за неговата земја.

„Ова е важен момент не само за нас, туку и за регионот на Западен Балкан и за Алијансата“, рече тој.

Шеснаесет години откако НАТО ја бомбардираше Црна Гора во конфликтот околу Косово, Алијансата ја покани оваа земја да и се приклучи и покрај противењата од Русија.

Пристапувањето на Црна Гора во НАТО ќе биде уште еден важен чекор во евроатланската интеграција на целиот регион на Западен Балкан и направи јасно дека НАТО ја држи отворена вратата за да се заврши нашата визија за Европа цела, слободна и во мир.

Тоа е прво проширување на НАТО од 2009 година кога членки на Алијансата станаа Албанија и Хрватска. Овој пат ова проширување е во услови на заладени односи меѓу Западот и Русија поради конфликтот во Украина.

Црна Гора има само 2 илјади активни војници, но нејзиното приклучување во НАТО, според експертите испраќа порака до Москва дека таа нема право на вето во врска со ширењето на оваа Алијанса на Истокот.

Аналитичарите додаваат дека членството на Црна Гора во НАТО е помалку важно за Москва отколку она на Грузија чии амбиции да се зачлени во Алијансата беа прекинати со кратката војна со Русија во 2008 година.

Сепак, руското министерство за надворешни работи соопшти дека пристапувањето на Црна Гора, која по отцепувањето од државната заедница со Србија во 2006 година, бележи прилив на руски приватни пари, инвестирање во имоти и голем број руски туристи, испраќа „силна конфронтирачка порака“.

Потпретседателот на Државната дума Сергеј Железњак пак предупреди дека зачленувањето на Црна Гора ќе ја принуди Москва да и воведе санкции.

Последното испитување на јавното мислење во Црна Гора покажува дека 47 насто од испитаниците се за членство на оваа земја во НАТО, додека против се нешто над 38 насто.

Дел од црногорската опозиција се противи на членството во Алијансата, а има и такви кои сакаат земјата да остане воено неутрална.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG