Достапни линкови

logo-print

Тензична атмосфера на македонско - грчката граница


Околу 1200 економски мигранти протестираат на пограничната линија меѓу Македонија и Грција, затоа што не им е дозволен влез во земјава, јавува нашиот дописник на терен. На пограничната линија има зголемено присуство на македонска и грчка полиција и засега е мирно.

Сакаме слобода, сакаме во Германија, пуштете не да поминеме, извикуваа денеска економските мигранти на македонско грчката граница. Над илјада мигранти од Иран, Либија, Мароко, Бангладеш и други земји, протестираа на пограничната линија меѓу Македонија и Грција, затоа што не им е дозволен влез во земјава. На пограничната линија има зголемено присуство на македонска и грчка полиција и засега нема поголеми инциденти. Мигрантите протестираат во мирна но тензична атмосфера по должина на железничката пруга во близина на пограничната кота 59.

„Не се враќаме назад. Ќе одиме напред. Ние сакаме слобода и сакаме да ја поминеме границата. Ќе одиме во Германија, Англија, секаде каде што има слобода“

Македонската полиција и денеска не дозволува влез на мигранти кои не доаѓаат од подрачја каде што има војна. Се пуштаат само бегалците од Сирија, Авганистан и Ирак кои имаат валидни документи, односно на кои им е заведен влезот во Грција.Дел од нив со кои разговараше екипата на Радио Слободна Европа, велат дека во меѓузоната се заглавени со денови, и бараат да им се овозможи слобода на движење. Како што велат тие само сакаат да ја поминат границата и Македонија и да го продолжат својот пат кон земјите од ЕУ.

„Луѓето од Иран се многу добри. Имаме култура и толку многу историја. Зошто се плашите луѓе?“

„Ние сме од Пакистан.Чекаме 4-5 дена“.

„Не се враќаме назад. Ќе одиме напред. Ние сакаме слобода и сакаме да ја поминеме границата. Ќе одиме во Германија, Англија, секаде каде што има слобода“, велат економските мигранти кои ги анкетиравме во меѓуграничната зона.

Во делот каде што се регистрираат бегалците кои доаѓаат од воените подрачја, е забележлива голема редица. Дел од Сириците се жалат дека чекаат и по повеќе од 4 часа за регистрација при влез во Македонија. Дозволен е влез во земјава само на оние бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак кои имаат целосни документи во кои е регистриран нивниот влез во Грција.

Во моментов, има соработка меѓу полициските претставници, во смисла да се разменуваат информации колку лица доаѓаат од грчкото пристаниште Пиреа, информации потребни за да се подготвиме за нивен прием. Има врска меѓу Поликастро и Гевгелија, но мораме да ја кренеме комуникацијата на ниво меѓу Атина и Скопје.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека состојбата со мигрантите на северната и на јужната граница на државата е редовна и нема значителни промени или вонредни настани. Според информацијата на МВР, денеска на Табановце нема задржувања на мигрантите во прифатните центри, а регистрацијата се одвива редовно.

Според информациите од грчките волонтери во Идомени објавени на социјалните мрежи дел од мигрантите штрајкуваат со глад, а на социјалните мрежи се појави и информација дека еден од мигрантите во знак на протест се обидел да се обеси на дрво, на самата погранична линија.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски на брифинг со новинари соопштил границата нема да биде затворена но е неопходна поголема соработка со Грција за справување со кризата.

„ Во моментов, има соработка меѓу полициските претставници, во смисла да се разменуваат информации колку лица доаѓаат од грчкото пристаниште Пиреа, информации потребни за да се подготвиме за нивен прием. Има врска меѓу Поликастро и Гевгелија, но мораме да ја кренеме комуникацијата на ниво меѓу Атина и Скопје. Ние сме загрижени од затворањето на границата од страна на Србија, по примерот на другите земји на север од неа. Македонија е единствената земја во која бегалците влегуваат од држава која е членка на Европската унија и на Шенген зоната,“ изјави Попоски на брифингот за новинари.

Македонија ја донесе одлуката да не пропушта економски мигранти откако доби писмено известување од Хрватска, дека таа земја ќе ги враќа назад мигрантите кои не доаѓаат од воените жаришта, а такво известување било добиено и од Србија, по телефонски пат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG